• недела, 22 декември 2024

Почна со работа винотеката во Кавадарци 

Почна со работа винотеката во Кавадарци 

Кавадарци, 3 мај 2023 ( МИА) - Почна со работа винотеката во Кавадарци, како посебна подружница на Винскиот музеј за регионот Тиквеш, сместена во централното градско подрачје, близу општинската зграда. Како што информираше денеска за МИА, директорката на Музејот, Весела Честоева, во винотеката се застапени производи од грозје од 15 винарии. Вина, ракии, вињак, но и маџун и гроздов сок. 

- Целта е промоција на висококвалитетно македонско и тиквешко вино, но и другите производи од грозје, што се вистински традиционален и културен белег на регионот. Винотеката е обезбедена и со фискална каса, така што сите посетители од земјава и странство, можат да си купат од производите од грозје од ова поднебје, појасни Честоева. 

Таа нагласи дека официјалното започнување со комерцијална работа на винотеката, значи дека се зголемува туристичката понуда на Кавадарци, како центар на Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во државата. 

- Факт е дека се зголемува бројот на гости во Вински музеј, што се наоѓа во градскиот парк. Со пуштањето во функција на винотеката, како и со зголемени активности во туристичкото биро на кавадаречкиот плоштад, што ја презентира туристичката понуда на Кавадарци и околината, очекуваме развој на туризмот, особено винскиот и алтернативниот, што всушност е и наша стратегија за локален економски развој, додаде Честоева. 

Винотеката е со површина од стотина квадратни метри. За реализацијата на сите овие активности, Честоева се заблагодари на поддршката од градоначалникот Митко Јанчев и Советот на општината Кавадарци. свд/цр


Фото : МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан