• петок, 15 ноември 2024

Почна седницата на Централното претседателство на ДУИ

Почна седницата на Централното претседателство на ДУИ

Тетово, 25 март 2023 (МИА) - Партиските функционери на Демократската унија за интеграција попладнево пристигнаа во партиското седиште во Мала Речица за да одржат седница на Централното претседателство, на чиј дневен ред се очекува да биде расправа за темата „Фронтот за Европа“.

Партискиот портпарол Бујар Османи пред почетокот на средбата потврди дека на седницата ќе се расправа за „Фронтот за Европа“, процес започнат од партискиот претседател Али Ахмети.-Се наоѓаме во критично време, на крстосница на државата каде што мора да ги концентрираме сите сили и енергија на општеството за да ја ориентираме државата кон ЕУ. Тоа го очекуваат граѓаните од нас. Тие граѓани, бараат подобар стандард, работа, поголеми плати, да останат овде, да ја планираат иднината овде. Сите политички процеси треба да се насочат кон перспективата што го носи членството во Европската унија, истакна Османи.Ова ќе биде трета средба на Централното претседателство во ДУИ по изборот на новиот состав што беше избран во октомври 2022 година. 

Група истакнати членови на ДУИ, кои беа наречени „Огнена група“, кон крајот на септември објавија отворено писмо во кое обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување станало индивидуално. Во писмото, потпишано од 20-тина членови на ДУИ, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Мерита Коџаџику, се бараше внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и беше упатен повик до лидерот на партијата Ахмети „да го искористи својот политички и  статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.

- Во ДУИ речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски органи. Како последица на ова, политичкото одлучување стана индивидуална сопственост. Нема дебата и консултација со партиските бази. Кадровските избори се претворија во привилегија на поединецот Артан Груби, се наведуваше меѓу другото во писмото. Потписниците посочуваа дека „арогантното однесување на извршната власт“ на чело со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, предизвикало „незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“.

По ова на почетокот на октомври се одржа средба на „огнените“ со раководството на ДУИ, на која беше договорено на 15 октомври да се избере новото партиско раководство. На овој собир одржан во Тетово, за потпретседатели на партијата беа избрани Изет Меџити, Арбер Адеми, Бајрам Реџепи и Арбана Пашоли. Фатон Ахмети беше избран за генерален секретар на ДУИ, Блерим Беџети за организациски секретар, а Саранда Имери за секретар за еднакви можности. За членови на Централниот совет беа избрани Али Ахмети, Рамиз Мерко, Јетон Шаќири, Фатмир Дехари, Крешник Бектеши, Талат Џафери, Невзат Бејта, Валдет Џафери, Теута Арифи, Џеват Адеми, Артан Груби, Бујар Османи, Висар Ганиу, Назим Буши, Ејуп Халими, Ариан Даци, Бесник Емшиу, Мирсад Ибраими, Ардита Дани, Билент Сали, Реси Абдурахмани, Шергил Беќири, Шабан Мемети, Артин Спахиу и Емир Сулејмани.

Меѓутоа, и покрај вклучувањето на припадници на т.н. Огнена група во највисокото раководство на ДУИ, нејзините членови продолжија со активности на теренот, одржувајќи средби со партиските членови и гласачите низ земјава, на кои ги презентираат своите заложби за промени во партијата.

Судирот во ДУИ се заостри откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тие ваквата одлука ја толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава дека очекуваат слични чекори и кон другите „непослушни координатори“. ас/фф/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан