• сабота, 18 мај 2024

Почна протестот за случајот со Клиниката за онкологија, се бара судска разрешница за сите инволвирани 

Почна протестот за случајот со Клиниката за онкологија, се бара судска разрешница за сите инволвирани 

Скопје, 18 септември 2023 (МИА) - Пред Влада на Република Северна Македонија почна протестот за случајот со Клиниката за онкологија. Со барање „Правда за жртвите“, се очекува протестот да продолжи пред зградата на Основното јавно обвинителство во Скопје. 

Организаторите најавија дека ќе ги интензивираат протестите и повторија дека се бара судска разрешница за сите инволвирани во „скандалот со Клиниката на онкологија“, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово.

- Нема да има социјална правда дур не се понесе одговорност за згаснувањето на животите на луѓето како резултат на корупцијата. Правда за жрвите мора да има!, е пораката упатена од протестот.

Нагласуваат дека донесените измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку, како што истакнуваат, ние тоа не го дозволиме. 

-Ултиматумот од минатата недела не е исполнет, особено барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела и поради тие причини протестите ќе ги интензивираме. Нашите барања и ултиматум од овој протест, се истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија, правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија, обелоденување на информациите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола, наведуваат организаторите.  

Претходно, министер за здравство Фатмир Меџити денеска имаше брифинг со новинари, каде кажа дека очекува истрагата за Клиниката за онкологија да заврши во најкраток можен рок. Како што додаде тој, пациентите така ќе си ја вратат довербата и кон лекарите и кон здравствените институции.   

Премиерот Димитар Ковачевски пак изјави дека ќе бидат санкционирани оние кои го прекршиле законот, но, не смее да се напаѓаат сите здравствени работници. 

- Се работи за наводи што се грозни и што не смеат да се случуваат, а за наводи што сме слушале во текот на изминатите 20 години. Ова е првпат да биде спроведена една ваква обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела. Би сакал да повикам да не се прави сензационализација и напад на сите доктори и медицински сестри во државата, бидејќи најголемиот број од медицинскиот персонал којшто работи во нашата држава, се извонредни луѓе, кадри, што се грижат за здравјето на нашето население, подвлече премиерот. 

Задачата на МВР и на Обвинителството, како што додаде, е обезбедување докази врз основа на што ќе бидат идентификувани сторителите. 

- Од страна на претседателот на Владата и од Владата, нема да има никакви интервенции во однос на заштита на кого било. Бидејќи, се работи за навистина грозни наводи што се предмет на истрагата на МВР и на Обвинителството. Исто така гледам по медиумите, посебно социјалните медиуми, дека се сака да се креира слика за вмешаност на само одредени лица, зависно од нивната припадност, она што можам да го кажам е дека ваков тип на криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен, дециден беше Ковачевски. бд/ цр

Фото: МИА

Остани поврзан