Почна новата учебна година во општините Крива Паланка, Ранковце и Кратово
- Со свечена програма подготвена од петтоодделенците, поздравни обраќања од страна на градоначалниците и директорите на училиштата, со подароци и убави желби за успех во образованието, денеска беше означен стартот на новата учебна година во трите општини Крива Паланка, Ранковце и Кратово.
Крива Паланка, 1 септември 2025 (МИА) - Со свечена програма подготвена од петтоодделенците, поздравни обраќања од страна на градоначалниците и директорите на училиштата, со подароци и убави желби за успех во образованието, денеска беше означен стартот на новата учебна година во трите општини Крива Паланка, Ранковце и Кратово.
-Денес е посебен ден за вас, драги наши првачиња. Вие сте нашата иднина, генерација која ќе создава нови инженери, лекари, наставници, уметници, но и врвни занаетчии и доблесни граѓани. Со топли срца ве прегрнуваме и ве охрабруваме да сонувате големи соништа. Среќно и благословено нека ви е првото училишно ѕвонче, им порача Сашко Митовски, градоначалник на Општина Крива Паланка, на првооделенците од градот.
Во училишните клупи во Крива Паланка, во Основното училиште „Илинден“ и ООУ „Свети Јоаким Крчовски“ денеска седнаа вкупно 120 првачиња за кои општината обезбеди еднократна парична поддршка од 3.000 денари, бесплатни училишни ранци од општествено одговорна компанија и бесплатен школски прибор.

И во Кратово со свечена програма почна првиот училиштен ден за вкупно 34 првачиња.
-Од вкупниот број првачиња, 29 се во централните училишта на подрачјето на општината, додека само пет првачиња се запишани во вкупно седум подрачни училишта во Кратовско. Општината на сите ученици кои оваа година првпат седнаа во училишните клупи им додели ранчиња со училишен прибор и по 2.000 денари како поддршка за полесен почеток на нивното школување. Во акцијата се вклучи и општествено одговорна компанија, која со својата донација придонесе секое прваче подготвено да го започне своето школување во ООУ „Кочо Рацин“ Кратово, информира Катерина Пешевски од Општина Кратово.
Посочи дека со оваа иницијатива им посакуваат успешни, среќни и исполнети училишни денови на дечињата, а на родителите им ја олеснуваат подготовката за новата образовна авантура.

Во Ранковце, ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ беше исполнето со детска радост, насмевки и возбуда од првачињата каде учебната 2025/26 година ја почнаа 39 првачиња.
-Со гордост и радост ги отвораме вратите за новата генерација ученици кои првпат чекорат по патеката на знаењето. Нивната љубопитност, енергија и искреност се нашата најголема инспирација. Им посакуваме на сите ученици, родители и наставници успешна и исполнета учебна година, а на првачињата, среќен почеток на едно ново, убаво поглавје во животот. Нека училиштето биде место каде што секое дете ќе се чувствува безбедно, сакано и охрабрено да учи и сонува, порача градоначалникот на Општина Ранковце, Борче Спасовски.
Од вкупно 39 првачиња, 32 ќе учат во централниот објект на училиштето во Ранковце, додека останатите се во подрачните училишта во реонот на општината. ид/мд/
Фото: Општина Крива Паланка, Општина Ранковце и Општина Кратово