• вторник, 05 ноември 2024

Почна изградба на затворен базен во Кавадарци 

Почна изградба на затворен базен во Кавадарци 

Кавадарци, 8 декември 2023 (МИА) - Почна изградба на затворен базен на локацијата на поранешна „Ла Луна", информираат од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев. 

- Инвеститор на проектот е Агенција за млади и спорт во соработка со Локална самоуправа на Општина Кавадарци. Голема благодарност до директорот Наумче Мојсовски за реализацијата на овој значаен проект што е од големо значење за нашата општина, соопштуваат од кабинетот на градоначалникот на Кавадарци. 

Станува збор за инвестиција во висина од педесетина милиони денари. 

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, на крајот од август месец, рече дека Кавадарци е еден од најспортските македонски градови. Тој се заблагодари на Владата за обезбедените средства за овој капитален проект. 

Задоволство тогаш изрази и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. 

- После долго време, си останавме на зборот и ние како општина и Владата заедно со пратениците од Кавадарци и директорот на Агенцијата, на оваа прекрасна локација која претходно општината ја предвиди за јавна намена, рече градоначалникот, заблагодарувајќи се на Владата, пратениците од Кавадарци и на Мојсовски. 

Кавадарци е еден од ретките примери,  нагласи Јанчев, што покажува дека има добра соработка меѓу локалната и централната власт, во интерес на сите, а тој пример треба да го следат и другите. свд/дма/

 

Фото : Општина Кавадарци 

Остани поврзан