• понеделник, 23 декември 2024

Почна изградбата на водоводната линија во штипската населба Каваклија

Почна изградбата на водоводната линија во штипската населба Каваклија
Штип, 8 март 2022 (МИА) - Почна изградбата на водоводната линија во штипската населба Каваклија. Градоначлникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека проектот предвидува изградба на водоводна линија во должина од 2.600 метри, која се очекува да заврши за околу два месеци. - Вкупниот износ е од девет и пол милиони денари, пари на граѓаните. Ова е суштинска потреба на оваа населба, затоа што е долгогодишен проблем со водоснабдувањето на овој дел од градот и се решава еден децениски проблем на оваа населба. Веднаш по завршувањето на поставувањето на водоводната мрежа, ќе бидат асфалтирани и бетонирани сите улици коишто при поставувањето биле оштетени, вели Јорданов. Од Миниистерството за транспорт и врски реагираа со соопштение на прес-конференцијата на Јорданов за изградбата на водоводната линија во штипската населба Каваклија, во која посочуваат дека средствата за реализација на овој проект се целосно обезбедени преку централната власт од буџетот на Министерството, во висина од 8,7 милиони денари. - Проектот за изградба на овој водоснабдителел систем е инициран од граѓаните во овие населени места и истиот е предвиден во буџетот на Министерството за транспорт и врски минатата година. Преку реализација на овој проект излегуваме во пресрет на жителите на овие населби во Штип, како и останатите жители каде се реализираат бројни проекти со средства од Министерството за транспорт и врски. Би сакале да ги информираме граѓаните на Штип дека изградбата на водоводниот систем во населбите Блок 77 и Каваклија е проект на Министерството за транспорт и врски и е целосно финансиран од буџетот на Министерството за транспорт и врски, се вели во соопштението од Министерство за транспорт и врски. Посочуваат дека покрај овој проект, во општина Штип е завршена изградбата на водоснабдителен систем во населбата Македонка, а во моментот се работи на реконструкција на две улици и тоа „Панче Караѓозов“ и раскрсницата на Сењак, а оваа година ќе започне реконструкцијата уште на три улици во Штип, „5-ти Конгрес“, „Браќа Даневи“ и улицата „Солидарност“, за што вкупната инвестција е 53 милиони денари. - Активно ја градиме и браната на река Отиња за што инвестираме 306 милиони денари. Го изградивме експресниот пат од Штип кон Радовиш, експресниот од Штип до Крупиште и бројни проекти со кои значително го подобривме квалитетот на живот на Штипјани и жителите на околните населени места. Министерството за транспорт и врски и во наредниот период ќе продолжи со поддршка на локалните самоуправи заради урбаниот развој и поквалитетен живот за граѓаните, се наведува во соопштението од Министерството за транспорт и врски.вдј/фф/

Остани поврзан