Почина Миа Лав, првата црна републиканка избрана во американскиот Конгрес
- По долго и тешко боледување, почина 49-годишната Миа Лав, првата црна републиканка избрана во Конгресот на САД, соопшти нејзиното семејство.

Вашингтон, 25 март 2025 (МИА) - По долго и тешко боледување, почина 49-годишната Миа Лав, првата црна републиканка избрана во Конгресот на САД, соопшти нејзиното семејство.
-Таа почина мирно во неделата, опкружена со семејството во нејзиниот дом во Саратога Спрингс, се вели во соопштението.
Лав, ќерка на имигранти од Хаити, ја претставуваше државата Јута во Претставничкиот дом. Оддавајќи ѝ почит на Лав, гувернерот на Јута, Спенсер Кокс напиша: „Вистински пионер и визионерски лидер, Миа инспирираше безброј Јутанци со нејзината храброст, благодат и непоколеблива вера во американскиот сон. Нејзиното наследство остава трајно, позитивно влијание врз нашата држава. Многу ќе ни недостига, додаде тој.
Политичката кариера на Миа Лав формално започна во 2003 година кога освои место во градскиот совет на Саратога Спрингс, а подоцна стана градоначалник на 34-годишна возраст. Во 2014 година, таа беше избрана во Претставничкиот дом на САД. Таа влезе во историјата како првата црна републиканка која ја презеде таа улога.
Лав беше критична кон Доналд Трамп кога се кандидираше за претседател во 2016 година, поддржувајќи го наместо тоа сенаторот од Тексас, Тед Круз, кој се откажа од трката неколку месеци подоцна. Таа, исто така, го повика Трамп јавно да се извини за погрдните коментари за Хаити во 2018 година.
Таа отслужи два мандати во Претставничкиот дом, а нејзината кандидатура за трет мандат заврши со тесен пораз од демократскиот ривал Бен МекАдамс. Трамп одговори велејќи на прес-конференција: „Миа Лав не ми даде љубов и изгуби“.
Пред да влезе во политиката, мајката на три деца извесен период работеше како стјуардеса. Во 2022 година и беше дијагностициран глиобластом, брзорастечка и агресивна форма на рак на мозокот, и ѝ беа дадени само 10-15 месеци живот, што таа го надмина. мс/
фото: Фејсбук