• среда, 22 мај 2024

Почеток на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“

Почеток на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Во Скопје денеска официјално ќе биде означен почетокот на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, чија цел е зајакнување на владеењето на
правото во Република Северна Македонија.

На настанот, тимот на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ ќе информира за активностите и целите на проектот, за соработката со институциите во земјава, техниките за подобрување на човечките капацитети во рамки на главните корисници, како и поддршката на ЕУ за владеење на правото.

Најавено е обраќање на амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за правда Кренар Лога, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и претставници на Лудвиг Болцман Геселшафт - Институтот за основни и човекови права (LBI-GMR) и Центарот за меѓународна правна соработка (CILC). Во улога на фасилитатор ќе биде Дитер Шиндлауер, тим лидер на проектот.

Проектот е дизајниран да ги поддржи релевантните институции кои работат на полето на правдата, организиран криминал, борба против корупција и промоција и заштитата на основни и човекови права за подобрување на нивните капацитети, ефективност и влијание.

Проектот е целосно финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Лудвиг Болцман Геселшафт - Институтот за основни и човекови права (LBI-GMR), Министерството за внатрешни работи на Република Словенија, Министерството за правда и јавна администрација на Република Хрватска и Центарот за меѓународна правна соработка (CILC).

Времетраењето на проектот е 36 месеци со предвидено продолжување за дополнителни шест месеци со буџет од 10,25 милиони евра. дма/вг/

 

Фото:МИА архива

Остани поврзан