• недела, 22 декември 2024

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за одбрана и Националниот совет за родова рамноправност

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за одбрана и Националниот совет за родова рамноправност

Скопје, 7 март 2024 (МИА) - Денеска во Министерството за одбрана, министерката Славјанка Петровска и претседателката на Сојуз-Национален совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска го потпишаа Меморандум за соработка кој претставува основа за развој на соработката во доменот на родовата еднаквост и родовата перспектива.

На средбата, како што соопшти МО, пред потпишувањето на Меморандумот, министерката Петровска истакна дека визијата на Националниот совет на родова рамноправност за промоција на правата на жените како човекови права и елиминирањето на сите форми на дискриминација на жените со цел градење на општество со еднакви можности во целост се поклопува со вредностите во одбраната и Армијата.

-Меморандумот ќе биде основа за нашата поблиска соработка. Родово сензитивните прашања за нас се исклучително важни. Ќе направиме заеднички акциски план со конкретни активности  и прецизна динамика и убедени сме дека вашите сугестии и заедничката работа ќе доведат до уште подобри резултати, рече министерката Петровска.

Петровска посочи дека соработката со невладиниот сектор, особено за прашања од приоритетно општествено значење е повеќе од добредојдена и дека Министерството е отворено за сите иницијативи кои ќе покажат дека и одбраната и Армијата се институции во кои не постои дискриминација, дека родовата перспектива е силно врежана во свеста на сите вработени и дека единствениот критериум за напредок е професионалноста и посветеноста на секој вработен и секој припадник или припадничка на Армијата.

Претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, Тодоровска се заблагодари за подготвеноста на министерката и Министерството за развој на нови заеднички иницијативи во доменот на родовата рамноправност и порача дека тоа е вистинскиот пат кон едно целосно рамноправно општество ослободено од дискриминација по која било основа.

Според МО, одбраната е носител на Националниот акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325, ‘Жени, мир и безбедност’ што покажува дека ова прашање е во врвот на приоритети те на Министерство за одбрана. Министерството на институционално ниво е лидер во имплементација на политиките и практиките за родова еднаквост, а родовата перспектива е интегрирана во стратешките документи на одбраната и Армијата. сст/нд/

Фото: МО

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан