• сабота, 22 февруари 2025

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Институтот на сметководители и овластени сметководители

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Институтот на сметководители и овластени сметководители

Скопје, 14 февруари 2025 (МИА) - Интензивирање на соработка во вршењето на законските надлежности од својот делокруг, како и размена на податоци и искуства меѓy двете институции заради натамошен развој на капацитетите на ревизорската и сметководствената професија во нашата земја, е главната цел која треба да се постигне со Меморандумот за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС), што денеска го потпишале главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски и претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

Меморандумот предвидува реализација на голем број активности, почнувајќи од континуирана размена на информации, податоци и искуства, преку организирање заеднички обуки и учество во научни и апликативни проекти и студиски посети, па сѐ до соработка и координација во процесот на изготвување на предлог-документи за развој на сметководствената и ревизорската професија.

- Државниот завод за ревизија постојано се залага за унапредување на професионалните стандарди во областа на ревизијата и управувањето со јавните средства. Потпишувањето на овој меморандум претставува значаен чекор во зајакнувањето на партнерството со ИСОС, со цел да се постигнат уште поголеми резултати во заедничкиот интерес – транспарентност, отчетност и квалитет во финансиското известување, изјавил главниот државен ревизор Ацевски.

Посебен акцент во соработката двете институции ќе стават на размената на знаења и искуства во имплементацијата на Меѓународните стандарди за финансиско известување и Меѓународните стандарди за финансиско известување за мали и средни субјекти, како и на подобрување на ефикасноста и ефективноста во работењето на своите членови и вработени.

Искажувајќи задоволство од потпишаниот Меморандум, претседателката на ИСОС Весна Прентоска, нагласила дека оваа соработка ќе овозможи да се обединат силите и знаењата во промовирање на меѓународните стандарди за финансиско известување и ревизија, како и во поддршка на континуираниот професионален развој на нашите членови. Сигурна сум, подвлекла, дека заедничките иницијативи ќе донесат долгорочни придобивки за професијата, но и за државата, националната економија и општеството во целина“.

Првите луѓе на ДРЗ и ИСОС заеднички оцениле дека ова партнерство претставува значаен чекор кон подобрување на професионалните практики и креирање додадена вредност во работењето на двете институции. цр/аа/

Фото: ImagePR

Остани поврзан