• петок, 22 ноември 2024

Потпишани договорите со првата генерација стипендисти на Министерството за одбрана

Потпишани договорите со првата генерација стипендисти на Министерството за одбрана

Скопје, 11 јануари 2024 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска потпиша договори со седум студенти кои ја сочинуваат првата генерација стипендисти кои се образуваат на студиски програми што се назначени како критични специјалности во Армијата. Станува збор за двајца студенти кои се образуваат во областа на географски информациони системи, тројца студенти од медицинските факултети и по еден на компјутерска технологија и на енергетика и екологија, кои доаѓаат од УКИМ, УГД и Универзитетот Американ Колеџ. Примени се на Конкурсот за стипендирање на студенти за потребите на Армијата кои Министерството за одбрана, по спроведената селекција и физичките и лекарските прегледи од вкупно 11 пријавени кандидати.

-Студентите по завршувањето на студиите ќе бидат вработени во Министерството, односно во Армијата и ќе имаат можност веднаш да бидат дел од одбранбениот систем, да работат со најсовремена опрема, да ги усовршуваат своите знаења и да ги искористат во развојот на македонската Армија и одбраната. Министерството предизвикот со пополнување лица од критична специјалност во Армијата го решава системски, рече Петровска и се заблагодари што по завршувањето на нивното образование тие одлучиле професионалната кариера да ја продолжат токму во одбраната.

Дијана Кока Џемаили од Факултетот за медицински науки при УКИМ на 5-ти семестар, вели од мала се определила за воената служба и медицината бидејќи смета дека секоја силна држава треба да вложува во здравството и одбраната, а таа својот кариерен развој и покрај можноста да студира во странство го гледа токму во својата држава.

-Отсекогаш сакав да останам во својата земја и се надевам дека на следниот конкурс многу повеќе студенти ќе се одлучат да аплицираат и дека ќе бидат истрајни во исполнувањето на својата цел во својата држава. Јас добив стипендија да студирам во Германија, но ја одбив и сега сум многу горда на себе. Сакам да останам во својата држава, рече Дијана заблагодарувајќи се за оваа можност.  

Јован Иванов од Американ Колеџ студент на компјутерска техника и информатика посочи дека стипендијата за него е поттик за надоградување на личниот и професионален развој во делот на информатичките техниологии.Тој се надева дека ќе може да придонесе на својата држава и Армија во унапредување на нејзината сајбербезбедност и во другите области од информатичките технологии.

Димитар Тануровски, студент на Медицина при УГД, 9-ти семестар, со охрабрување до колегите на следниот конкурс да аплицираат, бидејќи вели, на секој треба да му биде чест да може да и служи на татковината.  

Инаку, Петровска нагласи дека основ за објава на овој оглас е Законот за служба во Армијата, и најави дека со донесување на законот за вработени во Министерството за одбрана, кој веќе е во собраниска процедура, ќе се овозможи стипендирање и вработување на лица за извршување на критични специјалности и во Министерството.

Согласно условите од Конкурсот кој беше објавен во ноември, лани, стипендирањето е во висина на определен процент од просечната плата во државата и изнесува од 30 проценти за студенти во прва година (11.654 ден) до 80 проценти за студенти во шестата година на студии. Стипендиите ќе се исплаќаат согласно законот за академската 2023/2024 година која е започната што значи дека ќе добијат ретроактивна исплата од почетокот на оваа академска година.

Новиот конкурс за стипендисти ќе биде објавен по завршување на изборите циклуси годинава, во јуни месец, а ќе го почекаат и носењето на законот за вработени во Министерството, рече Петровска. вг/аа/

Фото: Министерство за одбрана

 

Остани поврзан