• четврток, 09 април 2026

„Високата мода“ на Древен Египет: Фустан исплетен од монистра од вештачки бисери

„Високата мода“ на Древен Египет: Фустан исплетен од монистра од вештачки бисери

Бостон, 9 април 2026 (МИА) - Древноегипетска облека исплетена од монистра од фајанс-бисери, веројатно направена со намена за женски погреб, е пронајдена во Гиза. Погребниот свечен фустан на кралицата Хенуцен, се верува, е скроен околу 2551 до 2528 година пр.н.е. 

Истражувачите го откриле овој археолошки наод во гробница од Старото Кралство. Се работи за времето на владеењето на кралот Хуфу во Гиза. Според американскиот Музеј на ликовни уметности во Бостон, којшто ја чува оваа облека и неколку други примери со монистра, оваа мрежа била направена од ленена нишка и фајанс - глазирана ќерамика направена од ситно мелен кварц. Ленената нишка што ги држела 7.000 монистра заедно, се распаднала, но врз основа на тоа каде се пронајдени монистрата и како овој вид облека бил прикажан во древноегипетската уметност, експертите успеале да ја реконструираат сложената облека.

Смесата од фајанс - во случајов, пред печењето била измешана со бакар, којшто ѝ дал на монистрата сина и сино-зелена боја, што ги имитира полускапоцените камења лапис-лазули и тиркизната боја.

Мрежата од бисери со средна должина има здолниште со дијамантски шари и струк во стилот на Египетското Старо Кралство направен од редови вертикално нанижани фајансни монистра. Фустанот има и деколте во концентрични кругови, а на дното има ресички од школки и морски полжави. Фустанот од монистра веројатно била облечена преку ленен фустан или зашиена директно на него, но не и без ништо.

Бидејќи египетските монистра од фајанс се доста кршливи, фустанот можеби се носел само во посебни пригоди, или веројатно бил направен специјално за погреб на жена, според Том Хардвик, египтолог во Природонаучниот музеј во Хјустон. Сино-зелените нијанси на фустанот можеби ја симболизираат реката Нил и пролетта, што, според научникот, било поврзано со египетското верување за воскресение во задгробниот живот. Овој фустан од монистра е најраниот преживеан пример на овој стил, според Музејот во Бостон. Само околу дваесетина фустани од монистра се чуваат во музеите ширум целиот свет. Од нив, два се реконструирани во Бостон, а еден е реконструиран во Музејот „Петри“ при Универзитетскиот колеџ во Лондон, Велика Британија.

Кога Џенет Џонстон, стручњак за древна египетска облека и консултант за облека, чијашто специјалност е толкување и пресоздавање древноегипетска облека, го реконструирала фустанот во „Петри“, рекла дека тој е премногу тежок за редовно носење, објави „Лајв сајенс“.

До периодот на Новото Кралство (1550 до 1070 година пр.н.е.), фустанот од монистра со мрежа се чини дека „излегол од мода“, бидејќи поедноставните мрежи од монистра станале популарни - како погребни предмети. Овие „монистрални наметки“ биле пронајдени и на мумии од Новото Кралство, откривајќи дека додатоците од монистра со векови останале важен дел од древноегипетските погребни обреди.  си/сд/

Фото: Инстаграм-објава, фотоисечок.

Остани поврзан