• четврток, 01 август 2024

Потпишани договорите на новите полициски службеници од генерацијата на кандидати за полицајци 2023/2024

Потпишани договорите на новите полициски службеници од генерацијата на кандидати за полицајци 2023/2024

Скопје, 1 август 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со раководството на СВР Скопје, денеска присуствувал на потпишувањето на договорите на новите полициски службеници кои беа дел од генерацијата на кандидати за полицајци 2023/2024 година и кои станаа дел од македонската полиција, при Секторот за внатрешни работи Скопје.

Упатувајќи честитки до новите полициски службеници, министерот Тошковски истакнал дека на овој начин создаваме професионална полиција која ќе ја гарантира безбедноста на граѓаните.

- Бидете сервис на граѓаните, полиција која ќе ги обезбеди и овозможи сите граѓански слободи и права. За да се борите со криминалот, мора вие да бидете чесни. Бидете дел од правдата, останете доследни на законот и штитете ги интересите на граѓаните и државата. Во вашето понатамошно работење мора да постапувате еднакво и независно од личните определби, религиозни уверувања, национална припадност... Дискриминацијата по било кој основ е забранета, рекол министерот Тошковски, соопштија од МВР.

Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и заменик директорот на БЈБ Арбен Јашари, заедно со раководството на СВР Тетово присуствувале на потпишувањето на договорите на новите полициски службеници кои станаа дел од македонската полиција, при Секторот за внатрешни работи Тетово.

Заменик-министерот истакнал дека полицијата треба да им служи на сите граѓани во нашата држава.

- Тука сте да им служите на сите граѓани во државата. Да го одржувате редот, мирот и да се борите против секаков вид на криминал, нагласил заменикот министер за внатрешни работи Исени.

Државниот секретар при МВР, Сашо Петрушевски им посакал срдечно добредојде на помладите колеги во редовите на полицијата при Секторот за внатрешни работи Куманово и многу лична среќа и успеси во професионалниот развој.

- Со приемот на оваа генерација на полицајци сериозно ќе се зајакнат кадровските потенцијали на МВР, а младите колеги ќе бидат професионално освежување во бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупција, истакнал меѓу другото државниот секретар Петрушевски.

Во Битола, пак, во кругот на Секторот за внатрешни работи Битола, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев на седумдесетте новопримени полициски службеници честитајќи им ги врачените договори за вработување, им порачал на довчерашните кадети со гордост, чест и достоинствено да ги носат полициските униформи.

- Од вас се бара да бидете кредибилни репрезенти не само на полициската професија туку и на Министерството во целина, а чесноста и одговорноста кон граѓаните чиј што сервис сме ние, да ви бидат примарни во професионалното работење и постапување, потенцирал директорот Јанев.

Во изминатата година, кандидатите беа дел од основна обука за полицаец, која беше спроведена во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи. цр/нд/

Фото: МВР

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан