• вторник, 24 декември 2024

Николоски во Будимпешта се сретна со унгарскиот министер за одбрана Залаи

Николоски во Будимпешта се сретна со унгарскиот министер за одбрана Залаи

Скопје, 1 август 2024 (МИА) – Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски денеска, во рамките на официјална посета на Будимпешта, Унгарија, имаше работна средба и со министерот за одбрана на Унгарија, Криштов Залаи Бробровнички.

На средбата, информираат од Министерството за транспорт и врски, беше потенцирана добрата соработка во делот на одбраната, како значаен сегмент во остварување на целите на НАТО алијансата и обезбедување на мирот и стабилноста во регионот.

-Притоа Николоски, истакна дека Македонија е цврсто посветена во остварување на реформските процеси и е на вистински пат да ги исполни условите за полноправно членство во Европската Унија. Во тој процес очкувањата на Македонија се дека, Владата на Унгарија ќе обезбеди континуирана поддршка на земјата како наша стратешка цел, соопшти Министерството.

На средбата, се вели во соопштението, министрите ги потврдија одличните билатерални односи меѓу двете земји и се согласија дека постои можност за интензивирање на таквите односи во дејности од заеднички интерес.

-Николоски, изрази благодарност за континуираната поддршка на Унгарија кон Македонија и македонскиот народ, особено изразена преку помошта за раст и развој на домашната економија. За време на средбата, министерот за одбрана на Унгарија изрази исто така силна подготвеност за обезбедување на потребната опрема за справување со пожарите со што ја потврди одлуката за испраќање на хеликоптери за гаснење на шумските пожари, се додава во соопштението.

Министерот Николоски изрази благодарност во име на македонскиот народ за таквата посветеност на унгарската влада. На крајот на средбата, двајцата министри изразија задоволство од пријателските односи меѓу двете земји и се согласија дека во иднина таквите односи ќе продолжат да се унапредуваат.вј/вг/

Фото: Министерство за транспорт и врски 

Остани поврзан