• понеделник, 04 ноември 2024

Поставен камен - темелник на прв малопродажен парк во Гази Баба

Поставен камен - темелник на прв малопродажен парк во Гази Баба

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Официјално почна изградбата на првиот малопродажен парк во источниот дел на Скопје, „Фешн парк Триангла“ („Fashion park Triangla“) во место Триангла, општина Гази Баба. Тоа што го прави посебен е новиот концепт на визуелно дизајнирани продавници со нови начин на изведба и материјали, нешто што е препознатливо низ Европа, се наведува во денешното соопштение.

Според инвеститорот на овој моден парк, Кире Стефанов, тој ќе биде уникатно место со голем број продавници, места за уживање и релаксација, хотел и деловни простори.

- Среќни сме што започнавме проект посебен сам по себе и ги следи светските трендови на ваков тип модни паркови што се присутни најмногу во Европа. Конечно Скопје и Гази Баба ќе добијат место кое ќе биде доволно атрактивно за посетителите и ќе имаат свое место за уживање и пазарување, кое ќе понуди разни содржини. Во „Фешн парк Триангла“, ќе овозможиме голем избор на продавници, маркет, ќе имаме хотел и деловен центар, како и места за уживање и за релаксација. Она што најмногу ме радува како инвеститор, е што ќе придонесеме за развој на општина Гази Баба, што ќе привлечеме голем број посетители, не само од Македонија, туку и од странство, поради одличната местоположба. Оваа инвестиција ќе биде готова за 10 месеци, истата чини девет милиони евра, се наведува во писмената изјава на инвеститорот.

Според градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, вакви проекти се повеќе од потребни за општината, како и за Скопје генерално, придонесуваат за модернизација.

- Преку оваа инвестиција, општина Гази Баба продолжува да се модернизира, свесни сме дека ќе донесе нова енергија за нашите сограѓани. Овој проект е навистина според сите светски стандарди, ќе привлече голем број посетители, кои ќе уживаат во содржините што ги нуди инвеститорот и воедно сме му благодарни за оваа инвестиција. За нас овој проект е огромно значење за Гази Баба и Скопје. Пред сѐ поради фактот дека Скопје ќе се позиционира како лидер во овој дел од регионот, а дополнително како општина очекуваме дека овој дел од градот по донесувањето на ГУП-от ќе успееме да го направиме привлечно место за инвестирање и живеење, пишува во писмената изјава на градоначалникот.

Задоволство од настанот преку писмена изјава изразува и Дејан Манев, директор за експанзија, градба и опрема за Македонија, Косово и Бугарија на „Кам маркет“, воедно и закупец во овој моден парк.

Катарина Николов, извршен директор на „Фортонмка“, во писмената изјава истакнува дека овој проект пројавува огромен интерес во бизнис-заедницата.

„Фешн парк Триангла“, како што се појаснува во соопштението, се простира на површина од 15.000 метри квадратни, од кои 6.500 метри квадратни површина за изнајмување, а во рамки на проектот има и бизнис центар и хотел од 5.000 метри квадратни, како и подземен паркинг со над 200 паркинг места.

- Лоциран е на улицата „Методија Андонов - Ченто“, во огромна зона на опфат со резиденцијално опкружување како и централна точка на повеќе населби, со лесен пристап, што го прави да биде уникатна трговска и деловна локација, се истакнува во соопштението.

Планирано е овој проект да опслужува опфатна зона од 200-300.000 луѓе. бд/са/

Фото: Фешн парк Триангла

Остани поврзан