• четврток, 01 август 2024

Поставена нова урбана опрема на малиот градски плоштад во Куманово

Поставена нова урбана опрема на малиот градски плоштад во Куманово

Куманово, 1 август 2024 (МИА) - Нова урбана опрема се поставува на малиот градски плоштад, соопштија денеска надлежните од општина Куманово.

- Се поставуваат нови канделабри, клупи и корпи за отпадоци на малиот плоштад. Плоштадот „Маршал Тито“ добива сосема нов и модерен лик, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Урбаната опрема постојано е мета на вандалско однесување на одредени групи граѓани. Кумановци реагираат и бараат видеонадзор, проактивно дејствување на локалните и централните власти и санкционирање на сторителите.Претходно, од општина Куманово информираа дека во тек е постапка за собирање на локации и вршење анализа за приоритетни места за поставување на видеонадзор.

- Се водиме од позитивна законска регулатива, во соработка со Агенција за заштита на лични податоци, велат од општина Куманово.

Реконструкцијата на плоштадот беше во застој поради изградбата на атмосферска канализација. Како што претходно објасни Димитриевски, проектот требало да се преработи, бидејќи во минатото, на малиот плоштад немало атмосферска канализација.

На малиот плоштад е предвидено да се смени подлогата, да се замени урбаната опрема канделабри, клупи, жардиниери, осветлување, акцент ќе се стави на спомениците. Ова е прва фаза од уредувањето на плоштадот. Според секторот за урбанизам, улицата која ги двои двата плоштада и која во моментов се користи за сообраќај ќе се менува, ќе биде поставена подлога за да има целина со зоната на малиот плоштад. Во иднина возачите ќе ги оставаат возилата на катната гаража и кај „скопски дуќани“.

Според електронскиот систем за јавни набавки општината од буџетот за реконструкција на плоштадот одвои над 47, 5 милиони денари (47.548.100,00 денари) и избрана е скопската компанија „Ленди Груп ДООЕЛ“. ам/цр

Фото: Општина Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан