• сабота, 21 декември 2024

Кабинетот на Гаши демантира каква било вмешаност на членови од неговото обезбедување во инцидентот на Скопскиот аеродром

Кабинетот на Гаши демантира каква било вмешаност на членови од неговото обезбедување во инцидентот на Скопскиот аеродром

Скопје, 1 август 2024 (МИА) - Кабинетот на претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, вечерва преку соопштение демантира каква било вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во денешниот инцидент на скопскиот аеродром, за кој што, велат, пренесуваат одредени медиуми.

-Наспроти овие информации, членовите на безбедносниот тим на претседателот на Собранието Гаши биле присутни само за да се смири ситуацијата настаната од недоразбирањето меѓу обезбедувањето на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, и припадниците на аеродромското обезбедување. Обезбедувањето на претседателот Гаши, кои се вработени во МВР, интервенирале да ја смират ситуацијата и да им помагаат на нивните колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП личности. Притоа потенцираме дека секое известување кое го сугерира спротивното е тенденциозно. Исто така, ги повикуваме и медиумите кои известуваат за овој настан
да ги проверат тие информации пред да објават вакви тврдења и да постапат со професионална и етичка одговорност, стои во реакцијата од Кабинетот на Гаши.

Претходно вечерва од МВР информираа дека обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши денеска им се заканувало на вработени во ТАВ Македонија кои побарале од претседателката на Косово да го остави телефонот за да помине на секенер кога поминувала низ гранична контрола на Меѓународниот аеродром Скопје.

Како што наведоа од МВР, денеска околу 10 часот додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа, сепак, багажот бил вратен и поминал низ скенер. 

-По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин, соопшти МВР.

Реакција во врска со настанот стигна и од ТАВ Македонија. Во соопштението од компанијата се наведува дека Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија постапи во рамките на своите овластувања и спроведе стандардна проверка на претседателката на Косово Вјоса Османи Садриу и на нејзиниот багаж на пунктот за безбедноста проверка во ВИП - салонот, со што, посочуваат, воопшто не беше загрозена авијациската безбедност и безбедноста на патниците. вг/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан