Посебен режим на сообраќај утре во Кавадарци, ќе се одржи „Кавадаречки полумаратон“
- Посебен режим на сообраќај ќе има утре во Кавадарци, ќе се одржи шестиот по ред „Кавадаречки полумаратон“, информираа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.
Кавадарци, 7 март 2026 (МИА) - Посебен режим на сообраќај ќе има утре во Кавадарци, ќе се одржи шестиот по ред „Кавадаречки полумаратон“, информираа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.
Организатори на настанот се Општината и „Меридијан атлетик еко“.
- Официјалниот почеток на главната трка е во 12 часот, со старт од централното градско подрачје, на добро познатата кружна патека. Се трча во дисциплини 10 и 5 километри. Пред главната трка, со почеток од 11 часот, ќе се одржи и детската трка во која ќе учествуваат околу 300 ученици од основните училишта во Кавадарци, соопштија од кабинетот на градоначалникот.
Притоа споделија дека со цел безбедно одвивање на настанот, во соработка со ОВР - Кавадарци, ќе има посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје.
- Од 10:30 до 15 часот ќе бидат затворени за сообраќај следните делници: од плоштадот по улица „Илинденска“ до улица „Страшо Пинџур“, кај „Силекс“ згради и назад по „Илинденска“, како и по „Илинденска“ до „Никола Минчев“ - поранешна „Едвард Кардељ“ и назад по „Илинденска“, појаснија од градоначалничкиот кабинет.
Патем апелираа граѓаните кои имаат паркирани возила на овие делници, доколку ги користат, да ги отстранат пред 10:30 часот.
Здружението на рекреативци и активни екологисти „Меридијан атлетик еко“, како организатор на полумаратон, на Фејсбук информираше дека регистрирани се над 450 тркачи и повеќе од 150 деца.
Спортскиот настан ќе се одржи под мотото „Го сакам Кавадарци“. свд/дма/
Фото: МИА архива