• петок, 16 февруари 2024

Потпишани 133 договори за финансиска поддршка до 10.000 евра со мали производители на храна од неживотинско потекло

Потпишани 133 договори за финансиска поддршка до 10.000 евра со мали производители на храна од неживотинско потекло

Скопје, 28 ноември 2023 (МИА) – Договори за грант поддршка до 10.000 евра за набавка на опрема за производство денеска потпишаа 133 мали производители на храна од неживотинско потекло. Целта на договорите, во вкупна вредност од 1,2 милиони евра, како што истакна ресорниот министер Љупчо Николовски, е да се поддржат малите производители да произведуваат и стават во промет финални македонски традиционални производи.

-Доделуваме 133 договори во вкупна вредност од 1,2 милиони евра преку кои даваме грант поддршка којашто ќе биде исплатена авансно на малите производители на храна од неживотинско потекло за набавка на опрема. Со договорите поддржуваме најразлични традиционални производства на храна, опрема за производство на ајвар, на маџун, на разни слатка, на мармалади, на масло од сончоглед, производство на јаболков оцет, на путер од бадеми, од лешник, сокови од калинка, јаболка, рибизли, потоа набавка на соларни сушари, на машини за пакување на најразличен тип на овошја, зеленчуци и други типови на производи, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство пред доделувањето на договорите.

Упати апел до сите апликанти да ги читаат договорите и да се следат роковите заради тоа што, како што рече, се исклучително кратки. 

-Се работи за програма во која што авансно ги исплаќаме средствата, но која најстрого ќе се контролира и затоа во рок од 45 дена од склучување на договорите треба да се реализира деловниот план. Нема никаква можност за промена во делот на деловниот план и затоа треба да се фокусираме на реализација и на набавка на тоа што сме го напишале и предложиле во деловните планови, рече Николовски и додаде дека финансиската поддршка ќе биде веднаш исплатена.

Посочи дека минатата година ветиле дека 2023 година ќе биде година на нови можности во земјоделството и токму затоа креирале повеќе нови програми во кои главен фокус за поддршка ни се малите производители на храна и пијалаци.  

-Креиравме нова програма за поддршка на малите производители на храна од животинско и неживотинско потекло за првпат досега, додека, пак, програмата за поддршка на малите семејни винарии која што за првпат се спроведе минатата 2022 година ја надградивме со поддршка и за малите дестилерии.  Преку овие програми обезбедуваме грант поддршка од 10 илјади евра за набавка на опрема за производство и ангажирање на стручни лица како поддршка на малите производители на храна од животинско и неживотинско потекло и на малите семејни винарии, како и на малите дестилерии грант од 5.000 евра и исто така поддршка за ангажирање на стручни лица во текот на производството на финалните производи, појасни Николовски.  

Ова, додаде, е развојна програма која што дава поддршка на целната група која можеби и не може да најде друг тип на поддршка во програмите коишто ги има Владата или Министерството, или, пак, не можат исто така да допрат до програмите коишто се европски. 

-Интересот за овие нови мерки е огромен и дури ги надмина и нашите очекувања. Токму затоа за да не склучиме мал број на договори чекавме и ребаланс на буџет се боревме за дополнителни средства. Само за оваа програма обезбедивме со ребалансот нови 70 милиони денари и еве денеска ги склучуваме првите договори од јавниот повик за поддршка на мали производители на храна од неживотинско потекло, рече Николовски.  

Кога започнавме со креирање на овие програми за поддршка на малите производители на храна и пијалаци, посочи, пред нас си поставивме јасна цел - да се обидеме преку оваа поддршка во рок од четири години да создадеме нови 2.000 регистрирани мали производители на храна коишто ќе ги искористат и правилниците коишто претходно ги донесовме за да овозможиме лесно евидентирање и регистрирање во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) како мали оператори. 

-Заедно со сите успеавме во една година да ја надминеме нашата цел што ја поставивме за четири години. Денес вкупниот број на регистрирани оператори од животинско и неживотинско потекло е 2.508, од кои околу 2.000 се регистрирани само во 2023 година во АХВ, потенцира Николовски. 

Ова денеска, како што кажа, е трета програма по која ги склучуваме договорите. 

-Претходно беа склучени договори за програмата од животинско потекло, пред тоа беа склучени договори за малите дестилерии и може да најавам дека во рок од 10 до 15 дена ќе склучиме близу 100 нови договори за грантови од по 10.000 евра за околу 100 мали винарии коишто се регистрирани во овој период коишто ги исполнуваат условите и коишто исто така ќе добијат поддршка.  Ме радува фактот што од денешните апликанти близу половина се жени и близу половина, а можеби и повеќе се млади, а тие се во нашиот фокус, посочи Николовски. 

Тим лидерот на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, Горан Димовски истакна дека во изминатите 10-тина години ИМЕ е партнер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Во повеќе наврати ги следиме и придонесуваме во политиките на Министерството преку креирање на Законот за органско производство, преку низа подзаконски акти. Задоволство ми е што бевме дел од тимот во креирање на оваа мерка за поддршка на мали производители за производи од неживотинско потекло.  Тоа беше една заедничка заложба во која што учествуваа АХВ и малите производители преку свои претставници од Слоуфуд. На тој начин се дојде до мерка која што навистина одговора на нивните потреби, изјави Димовски.

Оваа мерка, додаде, е од исклучителна важност бидејќи ќе овозможи на малите производители да обезбедат дополнителна опрема, да ги унапредат условите во коишто работат да можат да произведуваат и поквалитетно и подобро и да ги запазат сите стандарди нивните производи да бидат безбедни, да додадат вредност на производите.

-Станува збор за огромен број на традиционални производи коишто се многу уникатни и апсолутно заслужуваат да најдат место на пазарот до купувачите, рече Димовски.  

Нагласи дека Швајцарската ИМЕ програма долги години работи со малите производители на овозможување на воведување на нови технологии, воведување на нови бизнис модели и доаѓање до нови пазарни можности. 

-Разбираме дека почетоците на секој микро мал бизнис се исклучително тешки и оттука повторно во партнерство со Министерството зацртавме и неколку тренинг модули за сите оние коишто ќе изразат спремност дополнително да ги зголемат своите капацитети во насока на финансиско работење, користење на разно разни маркетинг алатки, позиционирање во пазарните канали, користење на дигитални алатки. Тоа е со цел овие бизниси за кратко време да застанат на нозе, да станат успешни, да можат да ги зголемат своето продуктивност и своето работење, а тоа да обезбеди генерирање на дополнителен приход за нив и за нивните семејства и можеби во скора иднина да обезбедат и нови работни места, посебно во руралните делови на државата што е крајна цел на ИМЕ програмата, истакна Димовски.вј/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан