• понеделник, 23 декември 2024

Поддршка од Општина Битола за поставување опрема до и во домот на лица со попреченост

Поддршка од Општина Битола за поставување опрема до и во домот на лица со попреченост

Битола, 9 февруари 2024 (МИА) - Општина Битола финансиски ќе поддржи адаптација, изградба или поставување на инфраструктура и опрема при адаптација на пристапност, мобилност и функционалност на лицата со попреченост до, и во нивниот дом.

За субвенционирањето на трошоците, во целост или делумно, апликантите може да добијат најмногу 61.500 денари, информираа од секторот за односи со јавност.

- Адаптација, изградба, поставување или набавка на инфраструктура и опрема за пристапност, мобилност и функционалност на лицата со попреченост во и надвор од нивниот дом, опфаќа адаптација на веќе постоечки или изградба на нови пристапни рампи или набавка и монтажа на фиксни или преносни пристапни рампи, платформи и лифтови, направи за искачување на скали со инвалидски колички, во домот на лицата со попреченост, со цел надминување на висински растојанија или други физички пречки или бариери до и во домот, како и адаптација на делови од домот во физичкиот простор, прилагодување на тоалет, промена на врати со соодветна ширина за инвалидска количка, правење на пристапни патеки, како и набавка на опрема која e наменета за користење од страна на лица со попреченост која ќе ја олесни мобилноста и функционалноста на лицата со попреченост, информираа од Општина Битола.

Искористувањето на средствата за инфраструктура и опрема за пристапност, мобилност и функционалност може да биде во максимален нето износ од 61.500 денари, а износите кои што се над лимитот се на товар на корисникот на адаптацијата.

Оваа година од локалниот буџет обезбедени се 500.000 денари, и се очекува поголем интерес, наспроти минатата година кога беа реализирани само шест апликации. Субвенција може да користи лице со попреченост кое заради природата на состојбата во која се наоѓа, има трајна или повремена оневозможеност самостојно да совладува пречки и бариери до, и во домот. За малолатни лица или лице на кое му е доделен старател, барањето може да го поднесе еден од родителите или старателот, појаснија од Општина Битола.

Јавниот повик за субвенции е во тек и ќе се одвива во текот на целата година, се до искористување на планираниот фонд. Во овој период евидентирани се и барања за набавка на слушни апарати кои како што нагласија од Општина Битола, корисниците неможе да ги купат заради високата цена на пазарот.  мт/цр

Фото: МИА

 

Остани поврзан