• петок, 05 декември 2025

Повик до пензионерите во Општина Центар да аплицираат за помош и поддршка од стручни лица во домашни услови

Повик до пензионерите во Општина Центар да аплицираат за помош и поддршка од стручни лица во домашни услови

Скопје, 19 септември 2025 (МИА) -  Општина Центар соопшти дека и оваа година обезбедува директна помош и поддршка за пензионерите преку проектот „Сервис за стари лица – Центар се грижи за возрасните“.

Услугата подразбира помош од негуватели и физиотерапевти во секојдневните активности: одржување на мобилноста, лична хигиена, пазарење, набавка на лекови и други потреби, со цел животот на пензионерите да биде полесен и достоинствен. 

-Со овој проект ги покриваме потребите на 90 повозрасни сограѓани и имаме одлични резултати. Корисниците се презадоволни, во тоа и лично се уверив во разговорите со нив. Ова е наша трајна обврска кон оние кои го изградија Центар, истакнува градоначалникот Горан Герасимовски.

На јавниот повик може да се пријават сите жители на Општина Центар постари од 62 години кои имаат потреба од помош во секојдневните активности и се корисници на пензија или социјална помош со месечен приход до 35.000 денари.

-За пријавување потребни се копија од лична карта, потврда за пензија или социјална помош и медицинска документација не постара од една година. Пријавите се поднесуваат во Архивата на Општината, а повикот е отворен до исцрпување на средствата. Повеќе информации може да се најдат на линкот: https://www.centar.gov.mk/?p=26320, соопшти Општина Центар. 

Општината посочува и дека градоначалникот Герасимовски најавил „дополнителни мерки за поддршка на пензионерите во наредната година, вклучувајќи изградба на современ старски дом и двојно зголемување на еднократната финансиска помош“. хс/са/

Фото: МИА архива 



 

Остани поврзан