• понеделник, 08 декември 2025

Повеќе од 300 документи прикажани на изложбата „Слава им на хероите! 80 години од победата над фашизмот - никој не смее да се заборави и ништо не смее да се заборави!“

Повеќе од 300 документи прикажани на изложбата „Слава им на хероите! 80 години од победата над фашизмот - никој не смее да се заборави и ништо не смее да се заборави!“

Скопје, 8 октомври 2025 (МИА) - Повеќе од 300 документи се прикажани на изложбата „Слава им на хероите! 80 години од победата над фашизмот - никој не смее да се заборави и ништо не смее да се заборави!“, поставена од Државниот архив од денеска до 17 октомври во Дајмонд Мол во Скопје.

По отворањето на изложбата, раководителот на одделението за публикување на архивски материјал при Државниот архив, Јасмина Дамјановска за МИА изјави дека „Државниот архив е институција која ја чува целокупната пишана меморија на македонскиот народ и благодарение на оваа архивска дејност на генерациите архивисти минати и сегашни сочуван е огромен архивски материјал за секој еден период од историјата на Македонија и на Македонците, па така и за она што значеше Народноослободителна борба“.

Таа посочи дека целта е со изложбата, која е подготвена во чест на јубилејот 80 години од победата над фашизмот, да се покаже дека секој има право да биде забележан без оглед дали е повеќе или помалку познат.

- Ние го имаме зачувано фондот партизанска споменица кој се однесува на доделување на споменица во чест на оние кои учествувале од 1941 година во Народноослободителното движење. За она што тие го направија во текот на сите тие четири до пет години тие беа одликувани од југословенската држава со Закон прифатен на 5 мај 1946 година и ние како Архив поседуваме речиси околу 800 досиеја на овие подносители на барање за партизанска споменица. Во секое едно досие сочувани се анкетни листови, биографии, карактеристики итн. кои укажуваат на нивната дејност. Значи тоа е едно море од податоци кое дава една претстава за меморијата за Народноослободителната борба, рече Дамјановска.

Истакна дека кога одлучувале што да претстават за овој јубилеј сметале дека тоа ќе биде најсоодветно, затоа што тука се имињата на оние повеќе познатите и на оние помалку познатите, затоа што, како што појасни, никој и ништо не смее да биде заборавено.

- Прикажани материјали на 28 баратели, а секое едно пано има повеќе од десет документи, што значи тоа се повеќе од 300 документи се прикажани на изложбата, рече Дамјановска.

Изложбата ја посетија и ученици од ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје, кое било меѓу училиштата кое се одѕвало на покана од Државниот архив.

- Овој пат решивме да бидеме поинакви и изложбата да ја организираме во молот за да не биде изолирана во музеите, затоа што тие ретко се посетувани, а тука има можност секој еден посетител на самиот мол да ја посети и да разбере што практично значи Архивот, додаде Дамјановска.

На прашање дали ќе продолжи нивната практика да покануваат ученици да ги посетуваат нивните изложби рече дека на 21-ви октомври имаат изложба по повод 110 години од македонскиот фронт и 80 години од првата Народна влада на 29 ноември и повторно ќе упатат покана до училиштата со цел ученици да ги посетат двете изложби.

- Има интерес за посета на Архивот и за работа со ученици. Можеби не во таа мерка во која ние навистина се надеваме. Ова може да биде еден повик до сите кои се занимаваат со историја до професорите по историја да организираат вакви посети, бидејќи нашите изложби се и едукативни. Ние ги правиме со цел да се направи едукација од најмала возраст, се до повозрасните и гледаме да бидат достапни и за едните и за другите. Многу често се нудиме за таква едукација и работилници. Кај нас не дека не доаѓаат, доаѓаат, меѓутоа на вакви настани многу поретко, а сепак нудиме како можност барем оние одделенија кои се соодветни за понудената содржина, рече Дамјановска одговарајќи на новинарско прашање.

Додаде дека денеска на изложбата дошле деветоодделенци кои работат за периодот на Народноослободителната борба и дека тоа ќе им биде добра едукација во разбирањето на тој процес. рп/вг/

Фото: МИА

 

Остани поврзан