Пињо: Средба меѓу Фон дер Лајен и Трамп ќе се одржи кога ќе дојде вистинскиот момент за неа
- Засега нема утврден датум за состанок меѓу претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Брисел, 28 април 2025 (МИА) – Засега нема утврден датум за состанок меѓу претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
- Изразен е интерес (за средба), а вистинскиот момент за неа ќе биде кога ќе се договори пакет на ниво на двајцата претседатели. Засега немаме конкретен датум за таква средба, истакна Пињо.
На дополнително прашање што подразбира кога вели „да се договори пакет“, Пињо одговори дека на масата се повеќе прашања, пред се оние поврзани со царините, за кои во тек се преговори меѓу ЕУ и САД.
- Кога ќе дојде вистинскиот момент да се разговара и да се постигне договор на ниво на двајцата претседатели, на највисоко ниво меѓу САД и Европската Унија, тогаш тоа ќе биде добар момент за средба, додаде Пињо.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во саботата Европската комисија информира дека за време на престојот на погребот на папата Франциск во Рим, Фон дер Лајен и Трамп „кусо разговарале, при што се согласиле да се сретнат“ на формален билатерален состанок во блиска иднина.
Сепак, според Пињо, погребот на папата Франциск не бил момент или место за дискусија за детали околу времето и местото за средбата.
Запрашана дали во саботата, покрај за билатерална средба, Фон дер Лајен и Трамп можеби разговарале за воспоставување на постојана директна комуникација за значајни прашања, како Украина или царините, Пињо одговори дека тоа бил „краток разговор“, на кој и двајцата изразиле „интерес за средба“. сп/
Фото: Икс