• сабота, 08 ноември 2025

Пињо: Се уште не е променет контекстот поради кој беа предложени санкциите на ЕУ кон Израел 

Пињо: Се уште не е променет контекстот поради кој беа предложени санкциите на ЕУ кон Израел 

Брисел, 13 октомври 2025 (МИА) - Казнените мерки кон Израел се предложени во одреден контекст и ако тој се промени, тоа би можело на крајот да доведе и до промена на предлогот, изјави денеска главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо.  

- Во моментов се уште не сме дојдени до нешто такво, нагласи Пињо во одговор на новинарско прашање дали во контекст на најновиот развој на настаните на Блискиот Исток со постигнувањето на договорот за ставање крај на војната во Газа, Европската комисија планира да го повлече својот предлог за санкции кон Израел и членови на израелската Влада. 

На дополнителни прашање што е тоа што треба да се „промени во контекстот“, Пињо истакна дека ЕУ би сакала да види почитување на постигнатиот прекин на огнот, ослободувањето на заложниците, но исто така и имплементација на усвоениот план од двете страни. 

- Врз основа на ова ќе видиме дали има потреба да се преиспитаат или не предлозите што ги изнесовме, додаде Пињо. 

Портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ал Ануни најави дека за ваквата можност ќе се разговара на претстојниот Совет за надворешни работи на ЕУ, кој е закажан за идниот понеделник во Луксембург. 

Тој истакна дека не сака да ја прејудицира одлуката на Советот, но нагласи дека ЕУ секогаш останува посветена на своите вредности поврзани со почитувањето на меѓународното право и човековите права. 

Ал Ануни додаде и дека ЕК го поздравува постигнатиот договор за Газа и улогата што во тоа ја имаат САД, како и Катар, Египет и Турција. 

- Ние сме подготвени да придонесеме за остварување на овој план, бидејќи имаме различни инструменти кои можеме да ги активираме за да помогнеме во тоа, рече Ал Ануни. 

Тој ја нагласи улогата на ЕУ во поддршката и реформирањето на Палестинската автономна управа, како во Донаторската група за обнова на Газа.  

- Би сакале да видиме поистакната улога на Палестинската автономна управа и појасни чекори кон политичката перспектива за палестинска државност и кон решението за две држави, базирано на принципите поддржани на големото мнозинство земјите членки на ОН, додаде Ал Ануни. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан