Писториус: „Стрела 3“ ја зајакнува германската и европската противвоздушна одбрана
- Германската противвоздушна одбрана и таа на нејзините партнери ќе бидат значително зајакнати со активирањето на првите елементи на новиот систем за ракетна одбрана „Стрела 3“ (Arrow 3), изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус за ДПА во Берлин.
Берлин, 3 декември 2025 (МИА) – Германската противвоздушна одбрана и таа на нејзините партнери ќе бидат значително зајакнати со активирањето на првите елементи на новиот систем за ракетна одбрана „Стрела 3“ (Arrow 3), изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус за ДПА во Берлин.
- Сега за првпат добиваме способност за рано предупредување и заштита на нашето население и инфраструктура од балистички ракети со долг дострел, рече Писториус. „Со оваа стратешка способност, единствена меѓу нашите европски партнери, ја обезбедуваме нашата централна улога во срцето на Европа“, додаде тој.
Германското воено воздухопловство денеска треба да ја прогласи почетната оперативна способност на системот во својата воздухопловна база Шеневалде/Холцдорф, на околу 80 километри јужно од Берлин.
Според германската војска, тоа значи дека првите елементи на системот – радар, лансери и обучен персонал – сега се оперативни и можат да почнат заштитни операции во ограничен обем.
- На овој начин, ние не се штитиме само себеси, туку и нашите партнери. Ја зајакнуваме европската компонента на НАТО и исполнуваме една цел на планирањето на НАТО, рече Писториус, додавајќи дека Германија презема одговорност.
Писториус им се заблагодари на израелските и американските партнери, кои заеднички го развија системот, како и на војниците и цивилниот персонал за нивните напори. Министерот исто така истакна дека договорот за системот бил потпишан пред само две години.
Системот за првпат ќе ѝ даде можност на Германија да детектира и пресретнува дојдовни балистички ракети надвор од Земјината атмосфера. јт/сд/
Фото: ДПА