• четврток, 21 ноември 2024

Петровска: Ниту една стратегија за хибридни закани не може целосно да биде имплементирана ако во неа не учествуваат сите актери во државата

Петровска: Ниту една стратегија за хибридни закани не може целосно да биде имплементирана ако во неа не учествуваат сите актери во државата
Скопје, 9 април 2022 (МИА) – Нашите земји ќе продолжат да се соочуваат со закани и предизвици и од државните и од недржавните актери кои користат хибридни закани кои ги таргетираат нашите политички институции, нашето јавно мислење, но пред се безбедноста на нашите граѓани. Со ваков еден поглед кон иднината, повеќе од потребно е прво да се започне со деконструкција на концептот за да се разберат неговите методи и влијанија и да се изградат соодветни размислувања и решенија, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на Регионалната школа за безбедност 2022, насловена „Хибридните закани и надворешни актери во време на воена агресија во Европа – импликации врз регионалната безбедност“, во организација на Универзитетот „Св.Климент Охридски”, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Вилфред Мартенс Центарот за европски студии од Брисел. Современата безбедносна слика, посочи Петровска, се карактеризира со комплексни закани кои во суштина се изменети од периодот од пред две децении. - И од таа причина нужно е потребно разбирањето и визијата за одбраната на општеството преку препознавање на современиот спектар на закани да биде се поприсутен и посеопфатен. Заканите доаѓаат од државни и од недржавни актери кои се повеќе користат механизми на мека моќ, тоа значи дека не се воени дејствија, меѓутоа се политички, еконмски, информациски методи на дејствување и кои имаат една единствена цел а тоа е да ги ослабнат институциите, економиите но и општествата во целина и со тоа да предизвикат загрозување на безбедноста. Земајќи го во предвид тоа дека современите закани имаат комплексна содржина, се наметнува и потребата од тоа како ќе одговориме на тие закани, рече Петровска, посочувајќи дека Република Северна Македонија неодамна ја има донесено стратегијата за хибридно дејствување и во одредена мера е започната со нејзината имплементација. Според министерката Петровска, цели на хибридните закани се да ја загрозат довербата во демократијата, ги слабеат институциите на земјата, креираат внатрешни конфликти и тензии и можат да создадат проблеми помеѓу соседите во некој регион и да ја слабеат довербата во евро-атланските вредности што ги застапуваат НАТО и Европската Унија. - Хибридните закани се најсериозниот предизвик на современото живеењево кое живееме. Тие се асиметрични, неконвенционални и немаат одредена територија и стриктна област во која дејствуваат. Можат да бидат применливи за повеќе видови на напади, од нарушување на безбедноста на институциите, но и бизнис секторот до ослабување на одбранбените системи на државата, а се разбира и граѓаните не остануваат нетаргетирани или нападнати од ваквиот тип на закани. Дезинформациите не се новина, тие се составен дел на хибридните закани, меѓутоа како ново орудие на хибридното дејствување се сметаат за сериозна закана за демократијата и за стабилноста на таа земја. Дезинформациите не се право на говор. Тоа се однапред добро осмислени неточни информации кои што имаат за цел да создадат во најмала рака конфузија во општеството, рече Петровска. Посочи дека секогаш кога сакате да спроведете некоја реформа или стратегија или сакате да имате успех во дејствувањето, треба да преземете и да спроведете сеопфатен процес, бидејќи, како што појасни, ниту една стратегија, особено стратегија за хибридни закани не може да биде целосно имплементирана ако во неа не учествуваат сите актери во државата. - Наша цел како претставници на институции, актери во општеството е да создадеме заедничка цел за приордата на хибридните закани, да ја пробудиме свесноста за нивното постоење, да ги мапираме обврските и на носителите и на сите учесници, да ги идентификуваме начините на дејствување, како и да креираме ресурси за градење на национална отпорност со ангажирање на целокупното општество, додаде министерката Петровска. Тридневната Регионална школа нуди размена, соработка и зајакнување на довербата меѓу студентите, професорите и практичарите од земјите од регионот, а воедно ги испитува тесните грла за соработка и координација во борбата против хибридни закани. Школата, меѓу другото има цел да се дефинираат можните решенија и политики, како и потенцијалните оперативни мерки за надминување на предизвиците и подобрување на соработката во справувањето со хибридни закани.фф/рп/

Остани поврзан