• сабота, 21 декември 2024

Петровска: Во новиот мандат ќе се бориме да обезбедиме повисоки плати и пензии

Петровска: Во новиот мандат ќе се бориме да обезбедиме повисоки плати и пензии

Тетово, 19 април 2024 (МИА) – Кандидатите за пратеници од листата на СДСМ за шестата изборна единица денес во Тетово со брифинг за новинари и прес-конференција ја почнаа кампањата. Носителката на листата Славјанка Петровска од прес-конференцијата рече дека листата со 20 личности се различни по етничка и верска припадност, возраст и пол но лојални на државата и европските вредности околу кои се обединети.

-Подготвени сме професионално, одговорно и посветено да ги исполниме сите ветувања кои во форма на мерки и политики се напишани во нашата програма за европска иднина. Подготвени сме и нема да се откажеме сè додека Македонија не стане дел од Европската унија и сè додека не обезбедиме минимална плата од 600 евра, а просечна плата од 1.100 евра. И нема да се откажеме сè додека не ги исправиме грешките кои сме ги направиле во изминатите 7 години, а се однесуваат на погрешна кадровска политика, слаби резултати во овозможувањето на правдата и воочени слабости во системски процеси, истакна Славјанка Петровска.

Според неа изминатите седум години на власт СДСМ и коалицијата има донесено многу државнички одлуки.

-На државата и овозможи придвижување напред и место на иста маса со најмоќните држави дел од воено политичкиот сојуз НАТО. И време е, без одлагање, без лажен патриотизам да ја донесеме одлуката државата да продолжи по вистинскиот пат и да не се врати назад во некои неизвесни времиња. А нашите заложби се јасни. Во новиот мандат ќе се бориме да обезбедиме повисоки плати и пензии, сериозно намалување на невработеноста, повеќе бенефиции за младите. Платите ќе продолжат да растат, ќе растат и пензиите. Минималната пензија ќе изнесува 20.000, а просечната пензија 30.000 денари. Во изминатиот период покажавме дека нудиме и носиме решенија, а не изговори. Затоа денеска и јас и сите кои сме на листите за пратеници можеме да излеземе пред граѓаните, да ги погледнеме во очи и со чист образ да им порачаме дека нема да се откажеме од иднината, истакна Славјанка Петровска.

На новинарско барање за став на најавата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски за можно коалицирање на неговата партија со Левица, Петровска рече дека тој јасно кажува која е коалицијата пред изборите и тоа е нешто за што СДСМ одамна повикува.

-Вистинските одговори да ги дадеме пред изборите, а не по изборите. Кога ќе видите кои политички партии ги вбројува во својата коалиција, тогаш на граѓаните уште полесно ќе им биде одговорот на 8 мај или гласањето, а тоа е дека тоа е коалиција која воопшто не гарантира европска иднина на Македонија затоа што во коалицијата од ВМРО ДПМНЕ имате партии кои јасно заговараат дека местото на Република Северна Македонија не е ниту во НАТО ниту во Европската унија. Јасна е веќе разлика и се повеќе ќе станува јасна разликата во кампањата, кои партии се европската иднина на оваа држава, за напредокот, а кои нудат враќање назад во минатото, рече Славјанка Петровска.

Што очекува СДСМ од нивниот поранешен коалициските партнер и носител на листа Биљал Касами, кој сега оди со ВМРО ДПМНЕ, беше второто новинарско прашање.

-Очигледно невозможноста да се испорачаат резултатите кои биле ветени пред граѓаните и пред 2020 година, па и подоцна господинот Касами како градоначалник на Општина Тетово, всушност му го одредуваат местото да излезе надвор од коалицијата предводена од СДСМ. Изминатите седум години, можеби направивме некои грешки, можевме некои работи подобро и поинаку да ги направиме, но големите ветувања и ветувањата кои во 2020 ги дававме пред граѓаните ги исполнивме. Неговата неможност да ги исполни очекувањата на граѓани го прават да се оддалечи од нас. Не сакам да гледам кампања во којашто ќе го будиме лажниот национализам во РСМ, а особено во шестата изборна единица јас повеќе сакам да зборуваме за иднината на граѓаните и на државата и за тоа какви решенија и мерки нудиме, рече Петровска.

Таа дополни дека се надевам дека тоа ќе може да се види и кај другите политички партии. ас/ир

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан