• петок, 12 јули 2024

Петровденски пливачки маратон на браната Гратче кај Кочани на докторот Бошко Илиев од Кавадарци

Петровденски пливачки маратон на браната Гратче кај Кочани на докторот Бошко Илиев од Кавадарци

Кочани, 12 јули 2024 (МИА) – По повод Петровден – празникот на Кочани, 59-годишниот кавадарчанец Бошко Илиев, специјалист по спортска медицина, денеска го реализираше својот четврти пливачки маратон на браната Гратче.

Условите за пливање беа одлични, со натпросечна температура на водата од околу 24 степени целзиусови, а маратонот се реализираше со техничка помош и придружба од членовите на риболовното здружение „Кочански рибар“.

-На овој начин сакам да им го честитам денешниот празник на сите кочанци и оние го го слават. Се чувствувам добро иако наближувам до 60-та година, пливам маратони по целиот Балкан и ова ми е втор маратон во Македонија, а седми по ред во оваа сезона. Претходно пливав на нашето Тиквешко Езеро, потоа во Италија, во Хрватска, Грција, Србија, сега во Кочани, а утре ќе пливам во Преспа еден една трка. Овде должината на патеката традиционално е четири километри, ја пливам во два круга близу брегот на езерото за околу еден час и три-четириесет минути. Планирав целото пливање да биде грбно, како поатрактивно, но поради големата инсулација од сонцето директно во очите, се откажав и маратонот е краул, а на самиот крај вообичаено во стилот пеперутка, истакна маратонецот Илиев. 

Мотивот на Илиев за реализација на пливачките маратони е промовирање на пливањето како здрава спортска и рекреативна дисциплина, како и популаризација на природните туристички потенцијали на македонските езера. Во рамки на престојот во Кочани, тој одржа и кратко предавање за учениците кои ја посетуваат школата за пливање на градскиот базен. 

Поддршка во реализацијата на маратонот на Гратче даде и Локалната самоуправа на Кочани, при што рамки на одбележувањето на општинскиот празник, градоначалникот Љупчо Папазов на маратонецот Илиев му додели признание.та/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан