• четврток, 28 март 2024

Пендиков пред судот во Охрид ќе дава исказ за физичкиот напад на 19 јануари

Пендиков пред судот во Охрид ќе дава исказ за физичкиот напад на 19 јануари

Охрид, 31 мај 2023 (МИА) - Охриѓанецот Христијан Пендиков утрово присуствува на судењето во Основниот суд во Охрид, каде треба да даде исказ за физичкиот напад врз него на 19 јануари годинава и кои биле причините за тоа.

На барање на судијата Бојан Мартиноски кој го води процесот, на денешното рочиште се повикани да сведочат вешти лица од областа на медицината и информатички технологии, како и тројца сведоци.

На првото рочиште, кое се одржа на 5 април беа презентирани видео материјални и писмени докази во процесот што пред Основиот суд во Охрид се води против Илија Спасески, првообвинет за нападот врз Пендиков, секретарот на сега згаснатиот бугарскиот клуб во Охрид.

Според Обвинителството, првообвинетиот во предметот се товари за извршено кривично дело „нанесување тешки телесни повреди“, на што обвинетиот Спасески се произнесе невин.

Претставникот на одбраната, адвокатот Димитрија Цобоски, пред Судот даде кусо образложение во кое изјави дека одбраната не спори дека оштетениот критичната вечер бил повреден, но оти во доказната постапка ќе успее да го убеди Судот дека нема материјални докази што неспорно утврдуваат дека провообвинетиот е извршител на делото, како и оти во делото нема докази за зборови од омраза како што сака тоа да го наметне Обвинителството.

Пендиков не присуствуваше на првото рочиште, како што кажа неговиот застапник адвокатот Стефан Камишевски, поради здравствени причини.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во угостителски објект на Кејот на Охридското Езеро во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, тој доби и бугарско државјанство, кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова. сс/дма/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан