• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Нема план „Б“ за уставните измени, има само план „А“, а МРТВ прво да ја расчисти аферата, па потоа да ме вика на дебата

Пендаровски: Нема план „Б“ за уставните измени, има само план „А“, а МРТВ прво да ја расчисти аферата, па потоа да ме вика на дебата

Скопје, 12 април 2024 (МИА) - Барам од сите вас, на 24-ти овој месец, масовна политичка мобилизација, уште во првиот изборен круг да покажеме дека сме за нормална, напредна и европска Македонија, на сите, а не за заробена, на неколкумина, на еден човек или на една фамилија. На 8 мај само ќе ја завериме победата, но не за нас, не за мене лично, не за идниот премиер, пратеник или министер, туку за сите деца, за сите идни генерации, зашто заслужуваме, по 33 години, по оваа долга и мачна транзиција, конечно да станеме дел од европското семејство, порача вечерва, од централниот митинг во Центар, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Нема план „Б“, има само план „А“, истакна Пендаровски во врска со уставните измени кои, како што напомена, мора да поминат за да станеме членка на ЕУ. Се осврна и на предизборната дебата со противкандидатите, нагласувајќи дека ќе присуствува каде и да се одржи, со мал исклучок, алудирајќи на МРТВ кон која засега има резерва. 

-Јас бев првиот кој понуди дебата со сите кандидати и не правев селекција - „овој да биде, овој да не биде“. Онаа дебата на која ќе присуствуваат сите седум кандидати, ќе бидам каде и да е, со мал исклучок, МРТВ. Тука имам резерва. Ако е точно, за аферата што излезе пред неколку дена, дека наводно има документи кои докажуваат дека штабот на најголемата опозициска партија организирал центар за продукција на лажни вести и политичка пропаганда, тогаш нека причекаат додека надлежните органи не ја расчистат, зашто можеби не е точна, можеби е фаслсификат. Прво расчисти ја, па потоа ќе ме викаш на дебати, подвлече Пендаровски.

Според него, „овие избори не се како сите други зашто земјава е повторно на крстосница - дали ќе дозволи да се врати „груевизмот“ или ќе биде водена од луѓе кои ги имаат предвид интересите на граѓаните и државата“. Како што оцени Пендаровски, матрицата на автократија и диктаторство кај ВМРО-ДПМНЕ не е исчезната.

-Државата заслужува да ја водат одговорни, совесни и сериозни политичари, а не луѓе кои сакаат само власт и пари. Ако ВМРО-ДПМНЕ дојдат на власт, Македонија повторно ќе биде приватна држава на неколкумина или на една фамилија, а најчесто на само еден човек кој ќе им диктира на сите други - што да прават, што да мислат и што да зборуваат. Тоа не смееме да го дозволиме ако им мислиме добро на идните генерации. Ако сакаме пристоен, достоинствен живот, на таквите обиди, за враќање назад, во регрес, да им кажеме „не, благодарам“, порача Пендаровски.

Тој вети дека, како и досега, ќе биде претседател на сите, дека нема да ги продлабочува делбите, ниту да ги стимулира поделбите, дека ќе се обидува да помогне секому, независно од која етничка припадност е или од која политичка партија. Во земјава, нагласи, сите мора да бидат рамноправни зашто „никој овде не е газда, ниту кираџија, така било, така и ќе остане“.

Пендаровски се осврна и на придобивките од актуелната власт, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. Во овој контекст даде уште едно ветување, дека ќе влеземе во ЕУ до крајот на оваа деценија, но само како Македонци, со нашето име и интегритет.

Прашан од граѓаните како ја толкува изјавата на Силјановска дека се што не направил тој, таа ќе направи, Пендаровски одговори: „Јас никогаш не сум го кочел патот на Македонија кон Европа, таа ќе го кочи, јас никогаш не сум ги нарушил меѓуетничките односи и мирот на државата, таа ќе го направи тоа, јас никогаш не сум ветил дека ќе амнестирам насилници од 27 арпил, таа ќе го направи тоа“.

Пред Пендаровски зборуваше лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски кој уште еднаш кажа дека овојпат изборот е меѓу надеж и безнадежност, прогрес или враќање назад во минатото.

-Знам дека граѓаните ќе ја донесат вистинската одлука за државата. Тие сакаат и заслужуваат европски стандард дома, тука, во земјава, а ние имаме волја, знаење и тим да испорачаме резултати, рече Ковачевски.

Според него, гласот за Пендаровски и Коалицијата за европска иднина е глас за европска Македонија.

-Заедно со нашиот претседател, Стево Пендаровски, имаме визија и план како да ја внесеме Македонија во Европската унија. Решителни сме, имаме волја, храброст и знаење како да ја обезбедиме европската иднина на земјата, на сите наши граѓани. На сите сегашни и идни генерации.  И со вас, граѓаните, заедно во тоа ќе успееме во тоа. Граѓаните на Центар отсекогаш знаеле да донесат вистинска одлука на денот на изборите. Да пркосат на режим, да останат бастион на демократијата, да изберат локална власт и градоначалник како што заслужуваат. Исто така како Центар, така и цела држава ќе избере Претседател каков што заслужува. Нашиот претседател Стево Пендаровски. Од другатата страна гледаме дека ништо не е променето. ДПМНЕ е истата партија од минатото, со истите луѓе. Со нив, не е можна никаква позитивна промена. Со ДПМНЕ единствено е можно само враќање назад во изолација и во темно минато, многу далеку од Европа, беше дециден Ковачевски.

На митингот кој почна со интонирање на државната химна, беше прикажано и видео за минатиот петгодишен мандат на Пендаровски.

Пендаровски денеска, пред вечерашниот централен митинг во Центар беше на средби со граѓаните во општините Илинден, Петровец и Карпош. мч/ев/

Фото: МИА и СДСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан