Пендаровски до Шаленберг: ЕУ да овозможи неодложно отпочнување на пристапните преговори за Северна Македонија
- Потребно е ЕУ да овозможи неодложно отпочнување на пристапните преговори за Северна Македонија, во контекст на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан, порачал претседатело
Како што соопштија од кабинетот на претседателот, на средбата се разговараше за надворешно-политичките приоритети на Северна Македонија, во светло на надминување на предизвиците на европскиот пат, како и за политичко-безбедносните случувања во регионот и Европа.
-Во контекст на безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан, претседателот Пендаровски посочи дека е неопходно институциите на ЕУ да делуваат брзо во однос на политиката на проширување и да овозможат неодложно отпочнување на пристапните преговори за Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладина конференција. Воедно, додаде тој, Северна Македонија ќе го продолжи дијалогот со Бугарија, со цел изнаоѓање на одржливо, разумно и достоинствено решение и деблокада на евроинтеграцискиот процес, стои во соопштението.
Претседателот Пендаровски изрази благодарност за континуираната и доследна поддршка од Австрија, како што вели, еден од најблиските сојузници и партнери на регионот, којa гласно се залага за негово интегрирање во Унијата.
Во однос на руската воена агресија и безбедносните предизвици со кои се соочува Европа, соговорниците разменија мислења за политичките и економските мерки кои се преземаат како дел од заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и за хуманитарната помош и прифаќањето на бегалци од Украина.
На средбата беше истакнато дека блиските и пријателски односи меѓу двете земји се рефлектираат со конкретна соработка во повеќе области и изразија подготвеност за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и афирмирање на заеднички европски вредности со цел стабилност и просперитет на европскиот континент, стои во соопштението. вг/ац/