• сабота, 04 мај 2024

Промоција на „Свилени времиња“ од Марина Мијаковска 

Промоција на „Свилени времиња“ од Марина Мијаковска 

Скопје, 25 април 2024 (МИА) - Во издание на Матица македонска излезе од печат најновата стихозбирка „Свилени времиња“ од Марина Мијаковска чија промоција ќе се одржи вечер во 19 часот во книжарницата на „Матица ексклузив“. Промоторка на книгата е Лилјана Пандева, а стихови од книгата ќе чита Ирена Јурчева.

Книгата содржи осумдесет и четири песни распределени во три компактни циклуси: Проветрено време, Свилени времиња и Времено сидро.  

-Првата помисла за свилени времиња би била за меки, нежни, сјајни, шарени времиња. Затоа што тоа е првата асоцијација за свилата. Но, ако Мијаковска така ги пееше времињата, не ќе ја имавме оваа стихозбирка ваква каква што е: полна со симболика, неверојатно метафорична,  на  моменти  метафизичка,  но  и  реална. Секако, потребна е вештина за да се открие токму секојдневието скриено под еден таков наслов. И повторно му се навраќаме на насловот, односно на свилата како материјал со сјаен изглед што потекнува од триаголна структура (поетски: три димензии), што ѝ дозволува на свилената ткаенина да ја прекршува светлината од различни агли, а тоа го може затоа што во основата свилата има голема тврдост, посилна е и од челик, растеглива е, тешко запалива и кај Мијаковска е превезот на сите времиња, какви и да се, или прекриени под нејзиниот превез или заштитени од настаните во просторот (дистопијата, граничните состојби, зазорот, нарушувањето на поредокот, недостатокот на рамнотежа.)“, констатира Лилјана Пандева во Поговорот на книгата „Свилени времиња“ на Мијаковска.

Марина Мијаковска до сега ги има објавено стихозбирките: „Номадска душа“ (2010); „Куфери“ (2013); „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2013); „Тиркиз во лето“ (2015); „Постела на тишината“ (2015) и „Коскена“ (2019). сст/мд/

Остани поврзан