Пезешкијан: Иран нема да преговара под закани, Трамп нека прави „што сака“
- Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Техеран нема да преговара со САД сè додека е изложен на закани. Тој директно му порача на американскиот претседател Доналд Трамп: „Прави што сакаш“.

Техеран, 11 март 2025 (МИА) - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Техеран нема да преговара со САД сè додека е изложен на закани. Тој директно му порача на американскиот претседател Доналд Трамп: „Прави што сакаш“.
„Неприфатливо е САД да издаваат наредби и да се закануваат. Јас дури и не размислувам за преговори со нив. Нека прават што сакаат“, рече Пезешкијан, според иранските државни медиуми.
Претходно, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека Иран нема да биде принуден на преговори со заплашување. Оваа изјава дојде еден ден откако Трамп откри дека му испратил писмо на Техеран со покана за нови нуклеарни преговори.
Иако Трамп навестуваше дека е подготвен за нов договор со Иран, неговата администрација ја врати стратегијата на „максимален притисок“, позната од неговиот прв мандат. Со ова, САД настојуваат да го изолираат Иран од глобалната економија и да го сведат извозот на иранска нафта на нула.ссм/
фото: архива