• недела, 22 декември 2024

Пауза во Собранието, седницата треба да продолжи во 16 часот

Пауза во Собранието, седницата треба да продолжи во 16 часот
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Собраниската 88. седница ќе продолжи во 16:00 часот. Пауза побара координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски зашто, како што рече, телевизискиот пренос на МРТ нема звук. -Системот и денеска не функционира. Пратениците се надвор и велат дека преносот нема звук. Барам еден час пауза за да проверите, да имате можност да излезете и да го видите тоа, нагласи Мицевски. Тој претходно реагираше и праша зошто седницата доцни 3,5 часа, а претседателот на Собранието Талат Џафери објасни дека не е присутен ниту еден од пратениците кои вчера се пријавиле за дебата околу дневниот ред. -Очекував да добиеме информација зошто седницата доцнеше до 14:30 часот. Тоа се 3,5 работни часа. Вчера седницата доцнеше пет часа. Премиерот вели опозицијата да подаде рака, но кому да подадеме рака? Очекувам да кажете зошто седницата доцни 3,5 часа, а вчера доцнеше пет часа. Имате ли проблем во мнозинството да се соберете, имате ли многу побарувања, понуди за да направите нешто како мнозинство? Да не шпекулираме, кажете зошто доцниме, рече Мицевски. Одговорајќи му на Мицевски, Џафери истакна дека одговорот е прост и го цитираше членот 29 од собранискиот Деловник. -Одговорот е прост и проширен. Членот 29 од Деловникот е јасен, пратеникот има право и должност да присуствува на седниците и да учествува во работата и одлучувањето. Вчера се пријавија за дневниот ред 28 пратеници, а сега нема ниту еден од пријавените за збор. Обврската е еднаква за сите нас 120, да бидеме во сала. Одлуките во Собранието се донесуваат и се одлучува ако во салата има мнозинство од вкупниот број пратеници, потенцира Џафери. Во врска со пренесот на МРТ, Џафери рече дека негова обврска е да обезбеди работа на пленумот. -Претседателот обезбедува да работи пленумот, а надвор од оваа просторија има друго јавно претрпијатие, МРТ, кое е должно да обезбеди сигнал. Ако нема, ја повикувам МРТ да обезбеди сигнал, порача Џафери. На седницата чиј дневен ред се уште не е усвоен, се предлогот за нов министер за локална самоуправа, за избор на двајца уставни судии, како и законски измени кои ќе овозможат реализирање на дел од антикризните мерки. мч/лв/

Остани поврзан