• недела, 21 јули 2024

Патувачката мултимедијална изложба на историски стрип „CAN for Balkans“ во Софија

Патувачката мултимедијална изложба на историски стрип „CAN for Balkans“ во Софија

Велес, 22 мај 2024 (МИА) - Патувачката мултимедијална изложба на историскиот стрип „CAN for Balkans“ на која една четвртина од изложените дела се на македонски автори, од 10 до 31 мај е  отворена во Домот на Сојузот на бугарските уметници, попознат како „Шипка 6“ и  за неа има голем интерес од бугарската културна јавност, информира за МИА, Александар Стеванов еден од македонските автори на изложбата кој воедно е селектор на изложените македонски стрип дела.

Македонските автори што со свои стрипови се претставени на групната изложба „CAN for Balkans“ се Љубомир Филиповски, Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Коле Манев, Славчо Темков, Драган Ташковски, Илија Јордановски, Дарко Богданов и Александар Стеванов.

Меѓу личностите од македонската историја застапени во изложените стрипови се: Александар III Македонски, цар Самуил, Хацон, Пребонд, св. Кирил и Методиј, св. Климент Охридски, војводата Ивец, цар Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех, Карпош, Сирма војвода и гемиџиите, како и хероите од илинденскиот период и од НОВ.

 Почнувајќи од октомври 2022 година, изложбата досега беше поставена во Брашов, Тирана, Брисел, Лесковац, Велес и во Букурешт. Покрај стриповите на теми од македонската национална историја, останатите три сегмента од изложбата се посветени на романскиот, албанскиот и на српскиот историски стрип.

Во Софија оваа изложба е поставена во рамките на манифестацијата „Софија комикс експо 2024“, чии организитори се Сојузот на бугарските уметници, секција стрип, и „Проектот Д`га“.

Како што појаснува Стеванов, оваа  е прво претставување на македонскиот стрип во Бугарија после  2010 година, кога во галеријата „Алтер его“ при Културниот центар „Средец“ во Софија беше поставена изложбата „Нови стрип соседства“ во имплементација на Стрип центарот од Велес.

Македонскиот стрип центар е вклучен и во повеќегодишен меѓународен проект за историски стрип, кој преку програмата „Креативна Европа“ е кофинансиран од Европската Унија. Организација носител на проектот и оваа изложба  е Историскиот музеј на округот Брашов, во Романија.

-Со оглед на тоа што повеќето од овие стрипови се придржуваат до историските факти, интересно е да се спомне дека дел од нив долги години беа користени во образовниот систем како помагала по предметот Историја, потсети Стеванов.

На негов предлог, како најамблематичен лик од македонските историски стрипови е избран едноокиот Самуилов војник Никола од стрипот „Одмазда на еднооките“ на Филипов, кој на изложбата е поставен на посебно пано отпечатено во реална величина.ад/са/

Фото: Can for Balkans

Остани поврзан