• недела, 21 јули 2024

Партијата на премиерот Моди победи на изборите во три од пет индиски држави

Партијата на премиерот Моди победи на изборите во три од пет индиски држави

Њу Делхи, 3 декември 2023 (МИА) - Партијата на актуелниот индиски премиер Нарендра Моди победи во три од пет индиски држави каде што се одржаа избори на крајот на ноември.

Прелиминарните резултати објавени од изборната комисија, покажуваат дека партијата Баратија Џаната (БЈП) на премиерот Моди ќе ја преземе власта во државите Чатисгар и Раџастан од Индискиот национален конгрес (ИНК), главната индиска опозициска партија, пренесува Бета.

БЈП најверојатно повторно ќе победи и во државата Мадја Прадеш за рекорден петти мандат. ИНК, пак, води во сојузната држава Телангана.

Конечните резултати се очекува да бидат објавени до крајот на денов.

Моди им се заблагодари на гласачите за „нивната непоколеблива поддршка“ во државите во кои води неговата партија.

„Резултатите во Чатисгар, Мадја Прадеш и Раџастан укажуваат дека луѓето во Индија се силно посветени на политиката на добро управување и развој, на што е посветена БЈП“, напиша Моди на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).

Изборите во пет индиски држави беа одржани на 25 ноември, а гласаа над 160 милиони луѓе, поради што резултатите беа објавени дури денеска.

Моди и неговата партија сè уште се најпопуларни на национално ниво по речиси една деценија владеење, а истражувањата покажуваат дека тој ќе освои трет последователен мандат на изборите во 2024 година.

Најсериозен ривал на партијата на Моди се очекува да биде новиот сојуз на 28 опозициски партии, наречен ИНДИЈА, но и ИНЦ која претходно успеа да го порази БЈП во државите Карнатака и Химачал Прадеш.

Изборите доаѓаат во време кога Индија се соочува со повеќе предизвици како што се зголемената невработеност, нападите на хинду националистите врз малцинствата во земјата, особено муслиманите, и ограничувањето на слободата на медиумите.са/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан