• сабота, 04 мај 2024

Панел: Стратегија за ментално здравје на младите, дигитализација на образованието и детска заштита во фокус оваа година

Панел: Стратегија за ментално здравје на младите, дигитализација на образованието и детска заштита во фокус оваа година

Скопје, 23 јануари 2024 (МИА) - Исклучително внимание посветуваме на младите преку сите политики, програми и мерки кои што ги спроведуваме. Зголемување на опфатот на мерката младински додаток, имплементација на Стратегијата за ментално здравје на младите, како и капиталните инвестиции и дигитализација во образованието, меѓудругото, е она што ќе биде ставено во фокусот годинава. Ова беше посочено на денешниот панел „Европски можности преку модернизација на социјални, образовни и здравствени политики“ во Скопје, во рамки на конференцијата „Година на европски можности“ што ја организира Владата.

Министерот за здравство Фатмир Меџити информираше дека е при крај постапката за набавка на нови 22 амбуланти, што е донација од ЕУ на седум возила за итна медицинска помош, а најави дека ќе продолжат да растат и платите на вработените во здравствениот сектор.

-Работиме интензивно и ги решаваме сите проблеми. За првпат овозможивме хеликоптерски транспорт за итните случаи во соработка со МВР. Минатата година два пати ги покачивме платите на здравствените работници, вложуваме во нашиот вреден кадар. Платите ќе продолжат да растат и ќе обезбедуваме вработување на неопределено. Вака продолжуваме и вака ќе продолжиме да работиме во здравството, рече Меџити во своето обраќање на панелот.

Тој потсети дека со поддршка од УНИЦЕФ обезбедиле научни податоци за ментално здравје кај адолесцентните лица и нивни семејства, како и кај жени во прелименарен период.

-Имаме стратегија за ментално здравје 2018-2028 година. Прв приоритет на националната стратегија и менталното здравје на деца и адолесценти е развојот на мрежа на институции во државата со помош на ЕУ, а се очекуваат конкретни проектни планови во текот на оваа година. Менталното здравје е тивка епидемија после ковид пандемијата особено за децата и младите и затоа ќе работиме на имплементирање на нови препораки, рече Меџити.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на панелот напомена дека најбитен елемент за квалитетно образование е да постои институционална волја и поддршка. Како што рече, важно е да има повеќе капитални инвестиции, но и да се продолжи во однос на дигитализацијата во образованието.

Тој информираше дека прв приоритет во поглед на образованието за оваа година се капиталните инвестици. Напомена дека буџетот за образованието во оваа година е повисок во споредба со минатата година, што значи дека образованието е приоритет на Владата.

-Ние реконструиравме повеќе од 80 основни и средни училишта, и продолживме со работа во делот на дигитализација во образованието. Трет важен фактор за поквалитетно образование е да имаме мотивиран кадар на просветни работници во основно, средно но и во високото образование. Во претходниот период имавме позитивни резултати во однос на преговорите за повисоки плати во основно, средно и високо образование, што значи имаме и мотивиран кадар, додаде Шаќири.

Тој додаде дека во следниот период ќе има и напредок на кариерите на просветни работници. Најави дека ќе продолжат со реформите по европски стандарди.

-Ние минатата година започнавме со реформи во основното образование, кои не беа лесни, но дадоа конкретните резултати и ќе даваат резултати во наредниот период. Новата реформа донесе нови учебни програми, но исто така и нови учебници во концептот на основното образование. Со истата стратегија ќе продолжиме и во средното образование и ќе работиме на новите Закони за средно стручно образование, рече Меџити.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во своето обраќање на панелот информираше дека посветеноста на МТСП е токму во инвестирање во детска заштита, градење на градинки, но и јакнење на капацитетите на стручниот кадар во предучилишното образование.

-Владата усвои Стратегија за инвестирање во човечки капитал, за јакнење на човечкиот капитал. Човечкиот капитал се всушност нашите деца. Децата од најмала возраст да можат да имаат пристап до детски градинки и токму затоа непоколебливата посветеност на МТСП е токму во инвестирање во детска заштита, градење на градинки но и јакнење на капацитетите на стручниот кадар во предучилишното образование. Зад нас е 81 градинка со зголемен опфат на 8 илјади деца, вклучени во предучилишното образование, рече Тренчевска.

Таа потсети дека во декември минатата година со одлука на Влада одвоени се 4 милиони евра за дополнителни пет градинки во скопските општини.

-Започнуваме со градба во Карпош, Бутел, Ѓорче Петров, Аеродром и Кисела Вода. Во 2024 година завршуваме и отвораме нови 14 градинки за дополнителни 1.653 деца. Исклучително внимание посветуваме на младите преку сите оние политики, програми, мерки кои што ги спроведуваме. Во оваа година, за новиот оперативен план има обезбедно финансиски средства за 2 милиони евра повеќе од минатогодишниот, што значи дека 32 милиони евра токму од буџетот на Министерството и на Агенцијата за вработување се наменети за младите, додаде Тренчевска.

Таа напомена дека најатрактивна е мерката за самовработување, која ја користат токму младите. Како што посочи, финансиска поддршка во неповратен грант што го даваат на младите оваа година ќе биде зголемен за 20 проценти повеќе средства, односно 6 илјади евра доколку се јави еден основач на приватна компанија или 12 илјади евра доколку се содружници.

-Ги слушаме младите, за нашите политики да одговараат токму на потребата на младите. Ќе го споменам и младински додаток, што се дава на сите оние кои по завршување на средното образование се вработуваат во производствената дејност и добиваат додаток од 3 илјади денари. Оваа мерка е исклучително искористена од страна на младите. Од 2020 до 2023 година, вкупно 13 илјади млади луѓе ја имаат искористено оваа мерка. Во наредниот период ќе го зголемиме и опфатот и додатокот, рече Тренчевска.

Во однос на менталното здравје, Тренчевска ја спомена Стратегијата за ментално здравје на младите, која што беше изработена со учество на претставници од сите релевантни министерства и граѓанските организации на млади, која Владата ја усвои за 2024-2026 година и се насочени кон нејзина имплементација. бт/нд/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан