• петок, 20 декември 2024

Панел-дискусија по повод месецот на подигање на свеста против ракот на дојка

Панел-дискусија по повод месецот на подигање на свеста против ракот на дојка

Тетово, 14 октомври 2024 (МИА) - Општина Тетово по повод месецот на подигање на свеста против ракот на дојката денеска органираше панел-дискусија. Во воведниот говор, градоначалникот Биљал Касами посочи дека оваа болест како предизвик, жените не треба да го надминуваат сами. 

-Како сопружници, семејство, пријатели и како општество, имаме морална обврска да бидеме покрај нив, да им помогнеме стравот да се претвори во сила, очајот да се замени со надеж, и секој ден да биде исполнет со љубов, поддршка и грижа. Во оваа битка никој не треба да се чувствува осамен. Солидарноста не е само теоретски концепт, туку одговорност која му припаѓа на секој од нас. Преку подигнување на свеста и конкретни дејствија, можеме да изградиме општество што се грижи и ги поддржува најранливите меѓу нас, рече Касами. 

Д-р Весна Колевска, онколог и радиотерапевт во Клиничка болница, посочи дека како лекар таа се соочува со пациентите по дијагностицирањето кога треба да се почне терапија. Во Клиничка болница овие пет години третирањето е со ограничен број на пациенти, па затоа превентивата е важен чекор, посочи докторката. 

-Кампањите не треба да бидат само во октомври, туку треба да бидат преку целата година, затоа што знаеме дека карциномот на дојка е причина за најчеста смрт кај жените. Од големо значење е раното дијагностицирање, односно скринингот, затоа што кај нас влијае многу за ефектот, терапијата како и прогнозата, кај овие пациентки. Треба секако и условите да се подобрат, и се она што влијае на раната детекција, како и пациентките полесно да дојдат до тие испитувања, истакна д-р Колевска. 

Се забележува тренд на зголемување на бројот на жени кои доаѓаат на регуларни периодични прегледи, но сепак не е задоволувачко нивото, оцени д-р Арѓен Имери, супспецијалист по дијагностика на дојка и началник на Одделение за радиологија при Клиничка болница Тетово.  

-Тоа се претежно жени кои имале во семејството случај, па по пет години ќе заборави да дојде на преглед, па ќе се појави по некое време кога ќе биде доцна. Проблемот е во тоа што кај нас жените не се свесни за фактот дека тие треба да имаат редовни периодични прегледи, без да имаат некој проблем, без да почувствуват некакви симптоми, бидејќи рак на дојка не дава симптоми во фазата во која може да се излечи. Кога ние ќе дојдеме во симптоматската фаза претежно, зборуваме за напредната метастатска болест, која не се излекува целосно. Клиничка болница Тетово ги исполнува условите да има кабинет за преглед на дојка, којшто го немаат многу центри во Македонија, имаме ултразвук, мамографија и може да направиме задоволителна дијагностика, рече д-р Имери.  

Во изминатите неколку години, според искуството на д-р Колевска, во тетовскиот регион најмлада пациентка била 27-годишна жена кај која е дијагностицирана болеста веднаш по бременост и по доење. ас/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан