• четврток, 04 декември 2025

Панел-дискусија: „Гласот на Вечноста“ - Грандиозно значење на духовното наследство на Кирил Пејчиновиќ за современиот македонски идентитет

Панел-дискусија: „Гласот на Вечноста“ - Грандиозно значење на духовното наследство на Кирил Пејчиновиќ за современиот македонски идентитет

Тетово, 28 ноември 2025 (МИА) - По повод 180 години од смртта на македонскиот просветител Кирил Пејчиновиќ (1771-1845), на прагот на 225 години од неговото раѓање, како и три години од неговото прогласување за светец од страна на Македонската православна црква во 2022 година како Свети Кирил Лешочки, се одржа панел-дискусија за неговото духовното наследство и влијание врз современиот македонски идентитет.

Панел дискусијата се одржа во тетовското село Лешок во кругот на манастирскиот комплекс каде се наоѓа вечниот дом на Кирил Пејчиновиќ, како и културно-духовниот центар што го носи името на просветителот.

„Гласот на Вечноста“ беше насловена панел-дискусијата, организираната од Глобалната Македонска Фондација „Вечна“, а која со поздравна и пригодна реч ја отвори митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, г. Јосиф. Архиерејот рече дека нема посоодветно место од манастирскиот комплекс за одржување дискусијата за духовното наследство на Свети Кирил Лешочки-Пејчиновиќ во современиот македонски индентитет.

- Темата на денешната панел-дискусија што нè собра е повеќе од академска, бидејќи таа длабоко допира до срцевината на нашата самобитност. Таа е повик за враќање кон корените, кон тие гласови кои не тивеат, туку како живи извори продолжуваат да ја хранат душата на нашиот народ. А меѓу најсветлите гласови што ја печатат нашата духовна и национална меморија секако е и гласот на св. Кирил Лешочки – Тетоец. Неговиот лик и дело како игумен, преродбеник, просветител, и пред сè пастир не се минато – тие се присутни насекаде во овој манастир, каде што неговата мисла и молитва и денес одекнуваат во тишината на манастирските камења. Неговиот спомен живее во духовниот етос на Црквата, но и во нашата историја и јазик, бидејќи тој не напиша само книги, на народен јазик, туку со своето свето дело придонесе многу за опстој на македонскиот идентитет, рече г. Јосиф.

Доцент д-р Бранислав Светозаревиќ од Државен архив на Македонија пред присутните се обрати со реферат насловен „Историска епоха и влијанието на Кирил Пејчиновиќ“ истакнувајќи дека оваа но и идните генерации ќе се навраќаат на делата на Св. Кирил Лешочки зашто нивното значење е грандиозно.

- Ние и во оваа прилика ќе направиме обид да ги препознаеме неговите силни влијанија и пораки за нашето време во кое живееме, твориме и се бориме на свој начин. Првата негова порака е негувањето на православната вера, онаква каква што е пропишана во Светото писмо и црковните канони. Втората порака секако е неговата бескомпромисна верба во примената на мајчиниот народен јазик. Третата негова порака за денешнинава е да се негуваат, обновуваат и прошируваат духовните храмови за верниците, за народот преку неговиот пример на возобновителско – градителска дејност. Но Св. Кирил Лешочки не возобновувал само духовни храмови, тој градел и храмови на знаењето и паметењето преку собирање на старите ракописи создал богата библиотека-четвртото влијание на неговата епоха. Петтото негово благородно дело е просветителската дејност преку пишувањето книги на народен јазик. Шестата порака или влијание за денешницава, е дека додека твориме, ние постоиме, додека оставаме писмени траги, ние испраќаме пораки до идните поколенија. Седмата порака на Св. Кирил Лешочки ја препознаваме во неговата вештина да се бориме, да не се предадеме, да изнаоѓаме начини за подобар живот и кога е најтешко. Осмата порака е секако вештината и мудроста да се знае да се живее со другите-комшиите, да знаеме да живееме со оние кои заедно работиме, да знаеме да живееме со другојазичните, да знаеме да живееме со друговерните, истакна Свеетозаревиќ

Потоа доц.д-р Стојанче Костов од Институт за фолклор „Марко Цепенков“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се обрати на темата „Културните и фолклорни изрази од духовната традиција“.

- Кирил Пејчиновиќ придонел со тоа што на некој начин преку неговото дело и преку неговото словото, тој го описменува народот, обичниот човек. Пејчиновиќ му дава на описменување за да може понатаму населението преку своите песни, ора и обичаи да го зачува она што се вика фолклорна традиција и белег на еден народ, односно на едно население коешто живее во ова поднебје, да го зачувува и да ги пренесува сите фолклорни елементи на помладите генерации што е навистина многу важно, да се продолжи неговото дело на сегашните и на идните генерации. Неговото наследство, остава неизбришлив траг во колективната меморија на жителите од Тетовскиот крај, но и на сите Македонци. Токму затоа ние како негови потомци, независно од тоа дали сме тетовчани или не имаме обврска да го чуваме, да го споменуваме и да го продолжуваме неговото дело на сегашните и идните генерации, истакна Костов.

Професорот по македонски јазик д-р Михајло Марковиќ од Универзитет во Тетово зборуваше на тема: „Јазикот како „Глас на вечноста“, кој посочи дека Кирил Пејчиновиќ го гради мостот на минатото и сегашноста. Односно Пејчиновиќ е тој којшто со своите дела јасно го истакнува континуитетот на македонскиот јазик од старомакедонскиот старословенскиот јазик и црковно словенскиот јазик со продолжеток во народниот јазик до стандардизацијата на македонскиот јазик па се до денес.

- Јазикот се пренесува од генерација на генерација преку усна и писмена комуникација, што овозможува да се изгради лингво-социо-културната рамка на заедниците. Заедно со елементите на јазикот, културата и идентитетот се оформува фигурата на индивидуата, без кои не би било можно да се воспостави кој било од овие параметри. Преку несвесниот и свесен придонес на секоја личност кон својата култура и јазик, може да се гарантира чувството на припадност и заштитата на идентитетот. Постојат многу начини да се всади формирање на културен идентитет, но примарен е јазикот, рече професорот Марковиќ.

Фондацијата „Вечна“ е формирана на почетокот на 2025 година од семејството на Ацо Крстески кое со децении живее и работи во Германија, кои заедно со група на истакнати Македонци ја реализираат мисијата промовирање на културата и науката посветена на зачувување и унапредување на македонскиот национален, културолошки и историски идентитет.ас/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан