Пакистан соопшти дека осум лица загинале во индиските напади
- Осум лица загинаа, а 33 други се повредени во индиските напади врз пакистански цели, соопшти пакистанската војска рано утрово, додека три лица загинаа на индиска страна, пренесе ДПА.
Исламабад, 7 мај 2025 (МИА) – Осум лица загинаа, а 33 други се повредени во индиските напади врз пакистански цели, соопшти пакистанската војска рано утрово, додека три лица загинаа на индиска страна, пренесе ДПА.
Индија изврши ракетни напади од воздух и од земја врз најмалку девет локации во Пакистан, тврдејќи дека цели биле скривалишта на милитантни групи кои стојат зад нападот кон крајот на април во спорниот регион Кашмир во кој загинаа најмалку 26 цивили.
Портпаролот на пакистанската војска, генерал-мајор Шариф Чаудри претходно изјави дека 24 ракети погодиле шест локации, главно џамии и придружни станбени области, при што загинале осум лица, а 33 се повредени. Други две лица се водат како исчезнати, рече тој.
Индиското Министерство за одбрана во изјава објавена утрово соопшти дека најмалку девет локации биле цел на напади во Пакистан и во делот на Кашмир кој е под пакистанска контрола, од „каде што биле планирани терористички напади против Индија“.
Целите се „терористичка инфраструктура“, се вели во соопштението на министерството.
„Нашите дејствија беа фокусирани, одмерени и со неескалаторна природа“, се вели во соопштението. „Не беа таргетирани пакистански воени објекти“.
Пакистанскиот премиерот Шехбаз Шариф во кратка изјава рече дека Индија, на која се осврна како на „лукавиот непријател“, извршила „кукавички напад врз шест локации во Пакистан“.
- Пакистан има целосно право да даде соодветен одговор на овој воен чин наметнат од Индија и соодветен одговор се дава, продолжи Шариф.
Пакистанското Министерство за надворешни работи не даде точен број на жртви, но соопшти дека меѓу нив имало жени и деца. Претходно, разузнавачки извори соопштија дека дете загинало откако ракети погодиле џамија во градот Бахавалпур во источниот дел на пакистански Пунџаб.
Министерот за информации на Пакистан, Ата Тарар во меѓувреме соопшти дека пакистански ракети собориле пет индиски борбени авиони и едно беспилотно летало.
Индија исто така пријави жртви: локалните медиуми цитираа изјава на армијата дека најмалку тројца цивили загинале во пакистанското гранатирање во делот на Кашмир кој е под индиска контрола.
Пакистанската војска неселективно стрелаше преку линијата на контрола, де факто границата што го дели Кашмир на два дела, јавија медиумите цитирајќи воени извори.
Во извештаите се цитираше соопштение на индиската армија дека ќе одговори на гранатирањето „на пропорционален начин“.
Пакистански воени извори за ДПА изјавиле дека почнале да таргетираат воена инфраструктура на индиската страна на Кашмир.
Бахавалпур, една од областите во Пакистан кои беа цел на Индија, е градот каде што е базирана милитантната група Џаиш-е-Мухамед, обвинета од Њу Делхи дека стои зад неколку смртоносни прекугранични напади.
Погодено е и мало гратче во близина на источниот град Лахор. Наводно, таму е базирана уште една антииндиска милитантна група, Лашкар-е-Тоиба.
Во индиските напади бил погоден и градот Музафарабад, главниот град на Кашмир под пакистанска управа, и мало гратче наречено Котли во истиот регион, соопшти војската.
Тензиите меѓу нуклеарно вооружените соседи ескалираа од 22 април, кога најмалку 26 лица загинаа во напад на милитанти врз група туристи во градот Пахалгам, во делот на Кашмир кој е под индиска управа.
Њу Делхи го обвини Исламабад, тврдејќи дека ги поддржува милитантите. Пакистан негираше каква било улога и понуди да спроведе независна истрага.
Конфликтот почна неколку часа откако светски организации, вклучувајќи ги Обединетите нации и големите светски сили, ги повикаа нуклеарно вооружените ривали да покажат максимална воздржаност и да избегнат директен конфликт.
Двете земји водеа три војни од нивната независност во 1947 година и се повлекоа од работ на четврта поради спорниот Кашмир, хималајска долина поделена меѓу двете земји. јт/
Фото: ДПА