• четврток, 02 мај 2024

Пакистанската армија и честиташе на земјата за успешните избори и повика на крај на политичката поделба и анархија

Пакистанската армија и честиташе на земјата за успешните избори и повика на крај на политичката поделба и анархија

Исламабад, 10 февруари 2024 (МИА) - Началникот на Генералштабот на пакистанската армија и честиташе на земјата за успешните национални избори и повика на стабилност и запирање на политичката анархија и поделеност.

„На нацијата и треба стабилност и запирање со политиката на анархија и поделеност, кои не и доликуваат на прогресивна земја од 250 милиони жители“, се вели во изјавата на генералот Сиед Асим Мунир.

Вчера, по парламентарните избори одржани во четвртокот, САД, Велика Британија и ЕУ изразија загриженост за изборниот процес во Пакистан и повикаа на истрага за наводните нерегуларности.

Партиите на поранешните премиери Наваз Шариф и Имран Кан, кој е во затвор, истовремено прогласија победа на изборите.

Со последните неколку конечни изборни резултати објавени денеска, јасно е дека ниту една партија нема да има значително мнозинство во парламентот, што значи дека претстојат денови на политичко пазарење. 

Но, по долго одложување во објавувањето на резултатите што ги зголеми стравувањата од изборна манипулација во која е вклучен воениот естаблишмент, Пакистанската муслиманска лига (Наваз) поддржана од армијата прогласи победа како политичка сила со најголем број места во парламентот. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан