• понеделник, 23 декември 2024

Оџаклиеска за МИА: Фокусот треба да ни биде на преземање превентивни мерки за заштита од природни катастрофи

Оџаклиеска за МИА: Фокусот треба да ни биде на преземање превентивни мерки за заштита од природни катастрофи
Атина, 22 октомври 2022 (МИА) - Потребата од превенција во справувањето со природни катастрофи, но и важноста на регионалната соработка во размената на искуства ги истакнуваат, во разговор со дописничката на МИА од Атина, заменик- министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска и националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи и контакт лице на соодветната канцеларија на ОН, Зоран Петров по нивното учество на министерскиот состанок посветен на „Намалувањето на ризикот од катастрофи во Источниот Медитеран“. На вчерашната конференција во Атина во рамките на Дијалогот за патоказот на Обединетите нации за намалување на ризикот од катастрофи, организиран од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција во соработка со Канцеларијата на Обединети Нации за намалување на ризиците од катастрофи, учествуваа и дискутираа делегации од 14 земји меѓу кои и Северна Македонија. -Пораката која се испраќа од овој министерски состанок е дека треба политиките да ги насочиме на превентивно делување, наместо досегашниот пристап кога даваме одговор откако ќе настане природната катастрофа. Затоа е важно предвреме да се организираат обуки, да се инвестира во инфраструктура за да бидеме подготвени да го ублажиме или да го намалиме ризикот од појава на природни катастрофи. Затоа, фокусот треба да ни биде на преземање превентивни мерки за заштита од природните катастрофи, вели заменик-министерката Оџаклиеска. Со идентичен став е и националниот координатор Петров, кој воедно е и контакт лице на канцеларија  на Обединети Нации за намалување на ризиците од катастрофи и истакнува дека потребна е и превенција, но и национални стратегии. -Она што може да се извлече како заклучок е дека колку повеќе се чека, толку поскапо чинат последиците од тоа и вториот исклучително значаен заклучок е дека превенирањето од катастрофи, треба да се води врз основа на национални стратегии, не треба да бидат врз основа на ад хок стратегии на пример правење брани или купување противпожарни возила, туку да се осмисли согласно заканите пред целиот овој регион и да се инвестира во тоа за заштита на граѓаните, вели Петров. Во фокусот на министерскиот состанок, меѓу другото беше и потребата да постои регионална соработка, нешто што го истакнуваат за МИА и Оџаклиеска и Петров. Заменик- министерката вели дека овој настан е „повеќе од потребен заради потребата од соработка и координација во делувањето и координирањето на активности за справување со климатските промени“. -Климатските промени се тесно поврзани со природните катастрофи и сите ги споделуваме истите искуства и проблеми со кои се соочуваме и затоа сметам дека решенијата треба заеднички да ги изнаоѓаме. При креирањето на политиките за справување со природните катастрофи и ублажувањето на влијанијата на климатските промени, секако и адаптација на влијанието на климатските промени, неопходно е регионална соработка и секако искористување на знаењето на научната фела со цел креираните политики да можат да бидат поефективни, ефикасни и да дадат подобар одговор на проблемите со кои се соочуваме, истакнува Оџаклиеска. -Еден од проблемите, едно од барањата кое беше истакнато е дека треба да се зголеми регионалната соработка бидејќи катастрофите не познаваат граници, не познаваат населени места итн и дека единствениот начин да се подобри целиот тој превентивен процес на заштита е да се соработува максимално и да се инвестира во таа соодветна инфраструктура која што долгорочно ќе може да претставува некакво обезбедување на луѓето и материјалните добра, вели Петров кој како известувач учествуваше на една од трите работилници што се однесуваше на намалувањето на ризици од пожарите кои го зафатија Медитеранот. За време на министерскиот состанок, заменик- министерката Оџаклиеска се осврна на можноста за споделување искуства, идентификување решенија и зајакнување на политичкиот моментум и заложби за справување со ризиците и влијанијата од екстремните температури, топлотните бранови и шумските пожари, истовремено забрзувајќи ја имплементацијата на Сендајската рамка во регионот. На маргините на конференцијата, оствари билатерална средба со специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН за намалување на опасноста од катастрофи Мами Мизутори, а на средбата, како што рече Оџаклиеска, се договориле дека потребна е соработка и посветено работење на справувањето со влијанието на климатските промени. Министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилианидис кој заедно со Мизутори беа организатори на министерскиот состанок, рече дека „не постои сомнеж дека климатската криза е тука и тоа не е fake news“ истакнувајќи дека „новата перцепција не се заснова само на репресија, туку и на трите точки: превенција, подготовка/подготвеност и отпорност“.  Специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН за намалување на опасноста од катастрофи Мами Мизутори потенцираше дека е важно што состанокот се одржува две седмици пред Конференцијата на Обединетите нации за климатските промени COP27, бидејќи „потребни се решенија и активности“. За време на состанокот, учесниците дискутираа и за заедничко соопштение со предлози и иницијативи, кое ќе биде објавено веднаш штом биде финализирано. Министерскиот состанок на земјите од Источниот Медитеран беше во рамките на Дијалогот за патоказот на Обединетите нации за намалување на ризикот од катастрофи, а го организираше Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција во соработка со Канцеларијата на ОН, со учество на делегации од Египет, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Франција, Израел, Италија, Хрватска, Кипар, Либан, Црна Гора, Палестина, Романија и домаќинот Грција, како и претставници од Европската комисија, Советот на Европа и Унијата за Медитеранот. Минатата година во Северна Македонија се донесе Национална стратегија за климатска акција, а во тек е изработката на Законот за климатската акција, додека пак преку овие документи, земјата треба да ги вклучи климатските промени во сите релевантни секторски политики. Климатските промени, исто така, се поставени како приоритет во Просторниот план на државата кој е во почетна фаза на изработка. Сања Ристовска Фото: МИА/ Министерство за климатска криза и цивилна заштита на Грција

Остани поврзан