• недела, 09 март 2025

Охрид се полни со гости за празничниот осмомартовски викенд

Охрид се полни со гости за празничниот осмомартовски викенд

Охрид, 7 март 2025 (МИА) - Празничниот викенд се очекува да го наполни Охрид со гости, пред се со припаднички на понежниот пол веќе пристигаат за тука да го минат 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Автобуси со туристи, претежно гости од поранешните републики на заедничката држава, веќе пристигнаа во градот, низ чии улици веќе се забележува раздвиженост како во деновите на туристичката сезона.

За добро расположение се очекува да придонесе и убавото сончево време, што гостите ќе го искористат за прошетки низ Стариот дел на градот, на Кејот на Охридското Езеро и кафе и пијалок на терасите на охридските кафулиња.

Инаку, по повод Меѓународниот ден на жената, Општина Охрид организира богата културна програма. На Малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев” вечерва од 20 часот ќе се одржи музичко- поетска вечер „Мевлем” со настап на уметниците Марко Виденовиќ на пијано, Памела Велкова на виолина, Верица Ајтовска на виола и Енис Аљи на виолончело.

На музичко – поетскиот перформанс ќе му претходи втората изложба „Жени во фокусот“ во чии рамки ќе бидат изложени нови 12 фотографи снимени низ објективот на младата фотографка Нина Ангелоска.

„Фотографиите се нови 12 приказни на жени-охриѓанки кои со својата работа се синоним за се она што значи ‘Жена’. Секоја, посебна, инспиративна и секоја на свој начин преставува пример за храброст, пожртвуваност, истрајност, доследност и љубов во работата, семејството. Реализацијата на овие два настани е во соработка со Комисијата за еднакви можности помеѓу мажите и жените“, посочуваат од Општина Охрид.

Во рамки на празничната програма ќе биде отворена и традиционалната изложба на дела од жени сликарки, организирана од женски центар „Бисера“ и Изложбата на фотографии „Фрагменти на таа што создава“ подготвена од Фото-клуб Охрид. аб/дма/

фото: МИА

Остани поврзан