Охрид го празнува Богојавление – Водици, поглаварот на МПЦ г.г. Стефан ќе ги освети водите на Охридското Езеро
- Во Охрид денеска ќе се одржи најмасовната верска манифестација во земјава и овој дел од православниот свет, со традиционалното положување на Чесниот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро по повод верскиот празник Богојавление - Водици.
Охрид, 19 јануари 2025 (МИА) – Охрид денеска е центарот на овој дел од православниот свет. Редици верници и посетители од изутринава се упатуваат кон Градското пристаниште, да бидат дел од најмасовната верска манифестација во земјава и овој дел од Европа, на традиционалното положување на Чесниот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро по повод празникот Богојавление - Водици.
Oсветувањето на езерските води и положувањето на Чесниот крст е предвидено во 10 часот кај Градското пристаниште. Претходно во сите парохиски цркви по повод празникот ќе се одржат свечени литургии, по што литиите поаѓаат кон пристаништето во Охрид. Централната Свечена литургија ќе се одржи во црквата „Света Богородица – Каменско“, а со неа ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ – ОА, Архиепископот г.г. Стефан, кој и ќе го положи крстот во осветените езерски води.
Со оглед на убавото време со температура над нулата и на тоа што празникот се паѓа во неработен ден, оваа година се очекува и рекорден број верници и капачи во Охрид.
Меѓу бројните гости ќе биде и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која ќе биде на градското пристаниште и ќе присуствува на чинот на осветувањето на водите и положувањето на Светиот крст во езерото.
Сиљановска-Давкова ќе оди и во Струга каде ќе ја проследи и црковната церемонија на осветувањето на водите и положувањето на Чесниот крст во реката Црн Дрим, водосветен чин со кој исто така ќе чиноначалствува неговото Блаженство г. г. Стефан.
Како и изминатите, така и оваа година точно на пладне на месноста Сараиште во Охрид ќе се врши групно крштевање во осветените води на Охридското Езеро.
Согласно традицијата, Богојавленските празнувања во Охрид се поделени на два дела и тоа верски односно црковни чествувања што се одвиваат под ингеренција на МПЦ и Дебарско-кичевската епархија, додека вториот е граѓанскиот дел што го координира Општина Охрид, а се однесува на целокупната празнична програма.
Охрид и централното градско подрачје каде ќе се одржуваат главните случувања во врска со празнувањето на Богојавленскиот водосвет веќе се подготвени за да ги пречекаат верниците. Градот е свечено украсен со зеленило и верски знамиња и обележја.
За безбедноста на капачите оваа година се задолжени шест медицински екипи со три амбулантски возила, пет тима спасители на вода со чамци подржани од езерската полиција и дваесеттина нуркачи. Охридските нуркачи изминатите денови спроведоа акција и го исчистија езерското дно кај пристаништето за безбедност на оние што ќе се решат да влезат во осветените езерски води.
Општина Охрид за празнувањата организираше богата културно-забавна програма, за добро разположение на гостите на празникот Водици се ангажирани уметниците Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски и групата „Де-Ен-Ка“.
Прославувањата на Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжуваат и утре со уникатната манифестација Денот на рибарите, со која се чествува православниот празник посветен на Свети Јован Крстител, со забавни содржини во исполнение на уметници од Охридскиот еснаф.
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Toj важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити. аб/сст/
фото/МИА