• понеделник, 23 декември 2024

Охридската пастрмка растргната меѓу декларираните заложби за нејзина заштита, согласно барањата на УНЕСКО и неконтролираниот излов

Охридската пастрмка растргната меѓу декларираните заложби за нејзина заштита, согласно барањата на УНЕСКО и неконтролираниот излов

Охрид, 27 март 2023 (МИА) - Сите субјекти надлежни за управување со природните ресурси на Охридското Езеро се чини дека прават напори да ги спроведат неопходните активности за негова заштита, се работи на проблематиката, но не може да се оттргне генералниот впечаток дека активностите се одвиваат бавно, несоодветно обмислено, со импровизации без соодветна вклученост и консултација на експертската јавност.

Проектот за реконструкција на Кејот на езерото во Охрид што предвидуваше дополнителен зафат во литоралниот дел на езерото, мегаломанскиот нацрт-проект за изградба на марина за пловни објекти во Студенчишкото блато, примерите со несоодветното стопанисување со рибниот фонд во Езерото заедно со рибокрадството, нерегулираните концесии недвосмислено ја потврдуваат негативната практика за дополнителен антропоген притисок врз и онака преоптоварениот еко-систем. Таквите примери оставаат впечаток на дилетантизам, отсуство на познавања за потребата од систематски приод во справувањето со проблемот, што е далеку од доменот на одговорно општествено управување со еден таков светски природен резерват стар повеќе од два милиони години.

Двете години подарени од УНЕСКО бргу минаа

Двете години, што Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на продолжената 44-та пленарна сесија одржана 2020 во кинескиот град Фуџоу им ги даде на институциите во земјата да го спасат Охридскиот регион од поместување на листата светски културни и природни богатства во опасност веќе изминуваат, а сликата од терен не покажува некој позначаен исчекор во декларираните заложби и напори да се спречи тоа.

Колку за потсетување, тогаш на предлог на Босна и Херцеговина, а со поддршка на Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала – на Северна Македонија и на Албанија како држави што управуваат со Охридскиот регион им беше доделен дополнителен рок од две години за да ги исполнат препораките на двете Реактивни мисии на УНЕСКО.

Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија информира за објавениот повик од УНЕСКО до државите членки за поднесување предлог-проекти во рамките на Програмата за партиципа

Согласно ревидираните одлуки што ги донесе Комитетот за Светско наследство, експертскитe тела на ИУЦН (за природно наследство) и ИКОМОС (за културно наследство) категорички побараа двете држави да разработат детален стратешки план за ревитализација, со соодветен акциски план што би се реализирал етапно, но според јасно дефинирани и утврдени краткорочни и долгорочни рокови за анулирање на постоечките закани. Планот би се базирал врз препораките на Реактивната мониторинг мисија од 2020 година, со сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќеслојни закани и предизвици со кои се соочува Охридскиот регион како целина.

Двете Реактивни мониторинг-мисии на УНЕСКО во 19 точки ги посочија главните препораки што мора да бидат спроведени доколку интенција е избегнување на поместувањето на регионот на листата светски наследства во опасност. Точката 12 конкретно бара зајакнување на прекуграничната соработка со Албанија во заштита и конзервација на езерото, поточно на следењето на бидиверзитетот и квалитетот на водата, размена на научни податоци и заедничко уредување и контролирање на риболовните квоти.

Рибниот фонд во езерото препуштен на немилост на рибокрадците

Ендемичниот вид oхридска пастрмка (Salmo letnica) ја губи битката со антропогениот фактор кој е виновникот за драстичното намалување на нејзината популација. За намалувањето на вкупниот рибен фонд во Охридското Езеро влијаат многу фактори, но најголем предизвик за рибите, вклучувајќи ја тука и пастрмката и нејзиниот опстанок, е прекумерниот излов што се одвива на двете страни од езерото.

Проблемот со прекумерниот излов на риба од Охридското Езеро е повеќедецениски, особено изразен последните години. Најголеми фактор за намалување на бројноста на пастрмката се прекумерниот риболов, легален и нелегален, недоволната физичка заштита на рибните плодишта пред и за време на природниот мрест на пастрмката, како и неизедначените критериуми како за квоти, така и за користење дозволен рибарски алат, период на забрана и друго помеѓу двете држави Северна Македонија и Албанија.

Премолчениот факт што повеќето ресторани околу Охридското Езеро и пошироко нудат и служат охридска пастрмка, дури и во периоди кога Езерото немало концесионер како единствен правен субјект од кого може легално да се обезбеди риба на македонската страна, најсликовито ја покажува состојбата со рибокрадството.

Изминатите неколку месеци e забележана зголемена понуда на охридска пастрмка на црниот пазар, се нудеше риба полна со икра и за 600 денари за килограм, што е мошне ниска цена со оглед што килограм охридска пастрмка чинела и 1500 денари. Зголемената понуда е потврда дека рибата немилосрдно се изловува, а не затоа што е зголемена нејзината популација дотолку повеќе што веќе пет сезони не е спроведува порибување на езерото преку вештачки мрест.

Ситуацијата на терен алармантна

Милутин Секулоски - Миќо, инструктор по нуркање, речиси секој ден е во Eзерото. Како професионален нуркач тој не пропушта речиси ден да не влезе во Охридското Езеро и да нурка на места каде ретко кој имал можност, вклучително и на најскришните собиралишта и мрестилишта на пастрмките.

- Состојбата со пастрмката е алармантна, без оглед кој како вели. Последните години не се врши вештачки мрест, неконтролиран риболов, под вода мрежи колку сакате, фатени риби...Мрежите не бираат, ниту рибокрадците бираат. Се поставуваат мрежи со ситни окца, така што сите риби што доаѓат на местата за мрест, а се полово зрели се фатени, вели Секулoски за МИА.

Појаснува дека години наназад истото се случува, понудата на риба е голема.

- Голема количина риба се продава на црно. Улов има сигурно. Оваа година имаше повеќе риби имаше дојдено на мрест, но тоа не значи дека Езерото е богато со риба. Пастрмката изумира. Нема можност за мрестење, нема вештачки мрест, се изловуваат и мали и полово зрели единки, така што ова Eзеро на крајот ќе остане само вода, ништо друго, дециден е Секулоски.

Охридското Езеро неодамна доби нов концесионер што наредните шест години треба да стопанисува со рибниот фонд

Независно противењето на екологистите и риболовните здруженија, ревирот на Охридското Езеро по пат на јавно наддавање е доделен на стопанисување на струшка фирма, на времетраење од шест години.

На претходната компанија што стопанисуваше со Охридското Езеро концесијата и беше одземена по само шест месеци поради утврдени нерегуларности од страна на надлежните институции во работата на тогашниот концесионер.

Со впишувањето на Охридско Езеро и Студенчишко Блато во Светска Рамсар листа, нашата држава, по Преспанското и Дојранското Езеро го доби третото и најголемо водно живеалиште од меѓународно зн

Спроведените контроли од страна на Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство тогаш констатираа дека концесионерот не вршел навремена и целосна физичка заштита на рибите од риболовното подрачје Охридско Езеро, што е спротивно на Договорот за концесија.

-Во записникот се констатирани нерегуларности и во делот на пријавувањето на вработените и постапките за вработувања, коишто концесионерот ги спроведувал спротивно на Законот за рибарство и аквакултура. Концесионерот не водел точна, навремена и целосна евиденција на уловената риба согласно законските одредби, што исто така е спротивно на Договорот за концесија, појасни тогашниот министер Трајко Димковски.

Невладините „контра“ државата

Веднаш откако беше избран новиот концесионер, се огласија активистите на Еколошкото граѓанско здружение „Фронт 21/42“, кои посочија дека државните институции делуват спротивно препораките на УНЕСКО.

Во Извештајот доставен до УНЕСКО државата наведува грижа за рибниот фонд на Охридското Езеро, а истовремено ревирот се издава на концесија без соодветна риболовна основа со која би се забранувал риболов, како што стои во препораките од Комитетот за заштита на ОН, велат од „Фронт21/42“, со појаснување дека Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион усвоен од Владата во ноември минатата година и доставен до УНЕСКО, содржи нацрт-риболовна основа за Охридското Езеро и неговиот слив, која не предвидува забрана за ловење на oхридската пастрмка, белвицата и јагула.

Според здружението, риболовната основа се изработува пред да се усвои Законот за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, што ќе дефинира различни заштитни зони и дозволени активности во секоја од нив, вклучувајќи го и риболовот.

-И покрај тоа што законот налага концесиите да бидат во согласност со риболовните основи, за Охридското Езеро се објави јавен повик и се одбра концесионер за риболов пред да се усвои риболовна основа, истакнуваат од „Фронт 21/42“.

Односното прашање во Извештајот до УНЕСКО е претставено како „имплементација на препораката 12 од Реактивната мониторинг мисија од 2017 година“, реагираат од „Фронт 21/42“.

Од Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ ни беше кажано дека не е само концесијата проблем, многу поголем проблем е новата Риболовна основа за Охридско Езеро 2023 - 2028 која требаше да обезбеди заштита на рибниот фонд. Наместо тоа таа е во голем дел препишана од претходната риболовна основа 2017 - 2022 и иако ги препознава заканите и укажува дека ден за ден популациите на пастрмката се намалуваат, пак нема никакви рестрикции освен оние стандардните, да не се лови на дадени локации во период ноември до март. За белвицата (Salmo ohridanus) воопшто не се ни спомнува дека е загрозена.

Згора на тоа, велат од „Охрид СОС“ за МИА дозволената квота за улов на Salmo letnica е зголемена од 2000 на 3000 килограми годишно, зоната Калишта - Бисер е тргната од листата специфични локации за мрест што значи таму ќе може да се лови без ограничувања. Од друга страна Стартегискиот план за рехабилитација предвидува воведување итна забрана за улов на салмониди се додека не се обезбедат одржливи популации, но тоа воопшто не е рефлектирано, ниту во Рибиловната основа ниту во концесијата.

Нивото на водата во Охридското Езеро денеска се наоѓа на котата од 693,17 метри надморска височина, што е за 24 сантиметри пониско од просекот за февруари.

-Концесијата беше распишана за цело Езеро, што не смееше да биде со оглед дека Студијата за валоризација на Охридско Езеро - Споменик на природата има јасно утврдени зони и во Зона за строга заштита (12 отсто од Езерото на македонска страна) предвидена е целосна забрана за лов. Според студијата е изработен План за управување, а тој ќе стапи во сила кога ќе биде донесен Законот за Охридско Езеро.

-Со оглед дека додека тоа се случи ќе помине време, одлуката за давање на Охридско Езеро под концесија во вакви услови е запрепастувачки неодговорно. И покажува за што всушност власта се грижи, за монетарна придобивка, концесијата е 400 илјади евра за шест години, највисока сума досега, а во Езерото најмалку салмониди од кога било, дури и по цена на загрозување, ако не и истребување на ендемски видови, децидни се од „Охрид СОС“.

Тие до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион одржана во средата доставија предлог за дополнување на дневниот ред со точка посветена на „Риболовната основа за риболовна вода Охридско Езеро и слив на Охридско Езеро за периодот 2023 – 2028“.

Тврдат дека документот не е усогласен со утврдените зони согласно Студијата за валоризација на Охридско Езеро - Споменик на природата шт е веќе усвоена - треба да се усогласи со Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион 2023 - 2030 кој е исто така усвоен и кој предвидува „Целосна забрана за улов на клучни приоритени рибни видови со посебен акцент на пастрмка и белвица (Salmo letnica and Salmo ohridanus)“ сè додека не се воспостават вијабилни популации, со утврдена итност за исполнување на „Изработена риболовна основа за Охридско Езеро со забрана за улов на клучни видови риби.“

Имајќи превид дека Риболовната основа е веќе донесена, а концесионер беше избран минатата недела, се соочуваме со временска неусогласеност која многу веројатно ќе резултира во излов на салмонидни видови што е спротивно на мерките за рехабилитација кои треба да се земат како примарен критериум со оглед на состојбата со природното наследство.

Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, постапката за доделување концесија е во тек.

-Постапката за доделување концесија на риби за вршење стопански риболов и организирање рекреативен риболов на Охридското Езеро е во тек. Обврските по однос на порибувањето, количини и улов на риба на идниот концесионер ќе бидат утврдени во договорот за концесијата по изборот на концесионер, е ставот на Министерството.

Непочитување на науката

Проблем повеќе е што честопати, дури и се наметнува како правило, има преклопување кај одредени надлежности, тела да имаат спротивставени ставови по одредени прашања, донесени одлуки да се спроведуваат селективно, префрлање вина меѓу институциите...

Оценка на експертите е дека доколку примарната функција на Концесионерот е заштитата и унапредувањето на рибниот фонд како што и се наведува во сите официјални документи, а не исклучиво материјална корист преку искористување на рибниот фонд, тогаш Концесијата на рибниот фонд е придобивка.

Зоран Спиркоски, експерт по аквалкултура и поранешен раководител на Одделението за применето рибарство при Хидробиолошкиот завод во Охрид, вели дека Концесијата треба да биде распишана според однапред утврдена риболовна основа со соодветни одредби, од пропишани мерки за риболов, преку мерки за заштита, до квоти за секој вид риба што се изловува.

- Тука треба да бидат наведени и мерките за заштита по однос регулирање на забраните за одредени видови риба, определување зони за риболов, постојани или променливи. Она што е битно за што се залагаше Хидробиолошкиот завод, во риболовната основа каде се пропишуваат риболовните средства и алати, е дека можат да бидат променливи во текот на траењето на концесијата зависно промените во рибниот фонд. Тоа значи дека оној кој ќе стопанисува со езерото треба да има потпишан договор за техничка соработка со соодветната научна институција. Таа институција треба да врши контрола, односно евиденција за состојбата на рибниот фонд, преку контрола на ловините и соодветен риболов за научно-истражувачки цели. Одредени места односно локалитети треба да бидат контролирани зависно еколошкиот стратус на водата односно животната средина. Во случајов, езерото се дава под концесија при непосточека риболовна основа, без притоа ништо да се знае за тоа што е понудено. Чудно е што концесионер се нафаќа да плати за нешто, а притоа да не знае колку може да изловува, ниту се пропишани другите мерки што се однесуваат на заштитата, вели Спиркоски.

Дополнителен проблем е тоа што пет години нема вештачко порибување на Охридското Езеро со ендемичниот вид охридска пастрмка. Програмата за рибарство и аквакултура преку која се спроведуваше порибувањето се усвојуваше на почетокот на јануари, што временски се поклопува со почетокот на излов на полово зрелите единки неопходни за мрест. Со тоа во тендерската постапка односно јавниот повик се јавуваат неправилности, од несоодветна конкуренција, пропусти во процедурата и едноставно физичка неможност да се изврши измолзувањето на рибата во природниот временски период на мрест.

Дополнителен апсурд е што на повикот за спроведување на вештачкиот мрест дава како опција на тендерот да се пријавуваат целосно несоодветни субјекти, како мрестилишта од Гевгелија или од Кавадарци, па и од странство.

- Една од основните цели заради која и е формиран Хидробиолошкиот завод е заштитата на ендемичните видови риба во Охридското Езеро. Обврска на државата е рибата во Охридското Езеро да ја третира како национално богатство. Сега сето тоа е запоставено и затоа се доведуваме до вакви состојби. Тоа е чисто непочитување на науката, вели Спиркоски.

Согласно сегашните законски прописи, предвидено е формирање управно тело за Охридското Езеро составено од претставници на трите општини од македонска страна на езерото, што понатака треба да ги усвојува плановите и да решава за распишувањето повици за доделување на концесиите. Тоа управно тело треба да има и своја техничка група составена од експерти.

Две години бргу ќе поминат...Тоа беа главно реакциите кај јавноста на одлуката на Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на продолжената 44-т

- Потпишен е меморандум со Албанија за рибарство, но тие технички групи што требаше да се составен дел од тој борд не се основани. Уште еден апсурд, не може да се изготвува риболовна основа без усогласеност со албанската страна, сепак Езерото е едно исто, дециден е Спиркоски.

Се додека субјектите инволвирани во односната проблематика, државните тела, институции, служби, како на локално така и на национално ниво, не почнат да ги спроведуваат своите обврски и овластувања, прекумерниот и неконтролиран излов на риба ќе продолжи, а тоа ќе доведе до несакани последици, па и до неповратен процес на физичко истребување на ендемските видови риба од Охридското Езеро.

Состојбата со рибниот фонд на Езерото е еден од факторите што ќе придонесе регионот и Езерото да бидат поместени на списокот светски природни и културни вредности во опасност. Охрид и Езерото нема да го загубат статусот во УНЕСКО, нивната универзална вредност не е доведена во прашање. Но, реалноста се совпаѓа со се поизразеното уверување на еколошките здруженија, активистите за заштита на животната средина, дека со поместувањето на Езерото и регионот на листата светски богатства во опасност ќе се активираат одредени механизми, па и фондови за поголема нивна заштита од факторите што довеле до нивно загрозување.

Александар Бачиќ

Фото: МИА архива, Приватна архива, Фејсбук

Со оваа сторија МИА се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите, во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан