• вторник, 11 март 2025

„Откриј го Националниот парк Маврово“ - капања за зачувување на природата и промоција на природните и културните вредности

„Откриј го Националниот парк Маврово“ - капања за зачувување на природата и промоција на природните и културните вредности

Маврово, 10 март, 2025 година (МИА) – Под слоганот „Откриј го Националниот парк Маврово“, оваа јавна установа ја започна најновата кампања за подигнување на свеста за зачувување на природата и промоција на природните и културните вредности на паркот.

Од управата на најголемиот национален парк во Македонија посочуваат дека со оваа кампања во наредниот период ќе информира за значењето на паркот и неговата улога во заштитата на биодиверзитетот. Покрај ова, ќе се промовираат и одржливи туристички практики и ќе се поттикнуваат активности кои треба со кои заедницата ќе работи на неговото зачувување.

- НП Маврово е повеќе од природен рај – тоа е нашето живо наследство, кое мораме да го зачуваме за идните генерации. Преку кампањата, сакаме да ги инспирираме посетителите да ја откријат убавината на паркот на одговорен начин, да научат повеќе за неговите вредности, и да станат дел од неговата заштита – изјави директорот на НП Маврово, Харис Ибраими.

Кампањата ќе трае речиси два месеци и ќе биде реализирана низ различни медиумски канали преку дигиталните платформи.

Предвидени се информативни видеа, интерактивни содржини и едукативни материјали, преку кои граѓаните ќе имаат можност да се вклучат и да откриваат нови информации, но и да се подигне свеста за значењето на зачувувањето на природата.

Стартот на кампањата беше симболично означен со активирање на дигитален дисплеј, поставен во Маврови Анови, спроти Инфоцентарот на НП Маврово.

Преку него посетителите ќе можат да ги добиваат сите информации и новости за паркот, а ќе бидат емитувани и видеа со природните убавини, ретките видови и можностите за авантуристички доживувања.

Со скенирање на поставениот QR код, заинтересираните ќе можат директно да купат билет за влез во паркот и да ја испланираат својата следна авантура во величествената природа на територија на НП Маврово.

НП „Маврово“ е најголемото заштитено подрачје во Македонија. Во него има ретки природни богатства, автентични пејзажи, разновиден биодиверзитет и еден од највпечатливите жители на природата во регионот – балканскиот рис.згм/са/

Фото: НП Маврово

Остани поврзан