• петок, 26 април 2024

Отворен повик за петтата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“

Отворен повик за петтата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ е во потрага по петтата генерација „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години кои сакаат да бидат дел од годиншната работилница за креативен документарен филм. Рокот за пријавување е продолжен до 15 јуни.

-Бараме млади луѓе, храбри да се изразат креативно и слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесеттемина величествени ќе бидат поделени во три до четири помали групи со по еден ментор, а на крајот на работилницата, секоја група ќе треба да има готов креативен документарен филм, соопшти „МакеДокс“. 

За пријавување е потребно кандидатот да се сними себеси со телефон, веб-камера или на друг начин, и преку видеото, кое не треба да е подолго од пет минути, да одговори на неколу прашања: Освен преку соништата, на кој друг начин бегаш од секојдневието?;  Кога би можел да бидеш кое било животно или растение, што би избрал/а да бидеш и зошто?; Кое е твоето најрано сеќавање?; Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што прво би ти кажало и зошто?; Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?; Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите? и Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено?

Видеото треба да се прати на: dokunikulci@makedox.mk преку ВиТрансфер (WeTransfer), доколку е во можност кандидатот  треба да го прикачи на VIMEO или на Јутјуб (YouTube) заштитено со лозинка, а до МакеДокс да ги испрати линкот и лозинката.

Повикот е отворен до 15 јуни 2023. Резултатите ќе бидат објавени до 20 јуни 2023 година. Доколку кандидатот е малолетен, заедно со пријавите треба да достави и согласност од одговорен возрасен со која се одобрува неговото учество на работилницата. 

Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се одржува во јули 2023 (пет дена во природа), август 2023 (осум дена на филмскиот фестивал „МакеДокс“) и две есенско-зимски сесии по договор (пет-седум дена)

Своите знаења и вештини во документаристиката на работилницата ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските докуникулци и пријатели на „МакеДокс“ од други земји.

-Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но имај на ум дека сместувањето – особено за првата сесија во природа не е во хотел со пет ѕведзички, туку понекогаш дури и под отворено небо, со милион ѕвезди, заедно со тимот на „МакеДокс“, се наведува во соопштението. хс/лв/

Фото: МакеДокс

 

 

 

Остани поврзан