• недела, 22 декември 2024

Отворен конкурсот за годишни награди на ДПМ за 2023 година

Отворен конкурсот за годишни награди на ДПМ за 2023 година

Скопје, 21 јуни 2024 (МИА) - Управниот одбор на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) го отвори традиционалниот конкурс за наградите „Стале Попов“ за прозно дело, „Ацо Шопов“ за збирка поезија, „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади, „Димитар Митрев“ за книга критика и есеистика и „Мост“ за книга напишана на еден од јазиците на националностите.

- Поради непостоење на објективни услови, Друштвото на почетокот од оваа година не ги додели петте награди што традиционално ги доделува секоја година од своето основање во 1947 година, се наведува во соопштението.

Според организаторите на конкурсот за најдобри книжевни дела објавени во 2023 година книги можат да поднесат автори на дела или нивните издавачи (со претходна согласност од авторот), а пријавувањето може да се оствари најдоцна до 5 јули, со достава на три примероци од делото во просториите на ДПМ (од понеделник до петок, од 9 до 17 часот), или со достава на три примероци од делото по пошта, на адреса на ул. „Максим Горки“ бр. 18 во Скопје. Од ДПМ велат дека е пожелно да се испрати и електронска верзија (PDF/DOC фајл) од доставеното дело, на мејл адресата drustvonapisatelimk@gmail.com.

Во согласност со Статутот на ДПМ, право на учество на конкурсот имаат сите автори, активни членови на ДПМ што објавиле книга во 2023 година, и кои заклучно со 6 јули 2024 (сабота, ден по рокот за достава на книгата) ќе ги имаат подмирено своите членарини за 2023 и 2024 година. Списокот со книги пријавени за наградите ќе биде објавен набрзо по затворањето на конкурсот, а наградите за книги објавени во 2023 година ќе бидат доделени оваа есен.

Потоа, како што велат од ДПМ, новиот конкурс за традиционалните награди на ПДМ за дела објавени во 2024 година ќе биде распишан пред крајот на годината, според вообичаената динамика.

Во однос на наградата „Мост“, како што посочуваат од ДПМ, потребно е да биде доставено дело објавено двојазично, на изворниот и на македонски јазик, или дело што ќе биде делумно преведено и објавено (на хартија или на веб-страница) најдоцна ден пред затворањето на овој конкурс. За наградата „Мост“ можат да конкурираат прозни дела, збирки поезија, книги за деца и млади и книги со книжевна критика и есеистика. За учество, потребно е да бидат преведени и објавени на македонски јазик најмалку 20 страници од делото (за прозни дела), најмалку 10 песни (за дела напишани во стихови), или најмалку 25% од книгата (за книги за деца и млади). Се предлага преводите да претставуваат смисловни целини (расказ, поглавје, есеј, итн.), да бидат извадени од различни делови/циклуси (доколку делото е поделено на делови/циклуси) и да бидат редактирани од говорител на македонски јазик.

Од ДПМ посочуваат дека за да биде конституирано жири за наградата „Мост“ и оваа награда да биде доделена, на конкурсот треба да пристигнат најмалку три дела објавени во 2023 година од страна на активни членови на Друштвото на писатели на Македонија.

Добитници на годишните награди за ДПМ за 2022 беа Венко Андоновски (роман: „Папокот на светлината“, „ТРИ“), Зоран Пејковски (збирка поезија: „Убавите жени“, „ПНВ публикации“), Ели Маказлиева (книга за деца: „Чудесен дар во годишен календар“, „Едука мак“) и Соња Стојменска-Елзесер (книжевна критика и есеистика: „Книжевен бинокулар“, ИМЛ). дма/

Фото: ДПМ

Остани поврзан