• вторник, 24 септември 2024

Отворен за капачи градскиот базен во Крива Паланка

Отворен за капачи градскиот базен во Крива Паланка

Крива Паланка, 11 јули 2024 (МИА) - По речиси една деценија пауза, официјално е ставен во функција градскиот базен во Крива Паланка. Ватерполо клубот „Крива река" што стопанисува со базенот, го отвори за капачи и посетители, а отворени се и школа за пливање и школа за ватерполо.

-Градскиот базен во Крива Паланка конечно е место кадешто присутните можат да уживаат и да се разладат од летните горештини, особено на овие екстремно високи температури. Летото во градот нуди нови можности и содржини за младите, велат од општината.

Ватерполо клубот „Крива река" чијшто претседател е познатиот македонски ватерполист, Боро Стефановски, минатата година потпиша концесија за период од десет години за стопанисување со градскиот базен во Крива Паланка и најави дека се направат напори да се вложува етапно во што поголема функционалност не само на базенот, туку и на целиот комплекс содржини.

- Имавме исклучиво голема работа за репарирање и оспособување на базенот како инфраструктура, тоа е завршено. Веќе сме на добра стартна основа, базенот е отворен, капачи има, а активна е и школата за пливање и ватерполо. Бројни заинтересирани дечиња од градот веќе ја посетуваат школата, а деновиве ги посети и со нив работеше и мојот брат Томи, така што навистина, ова е одлична можност за младите од Крива Паланка. Отворени сме и за сите посетители од целиот регион, рече Боро Стефановски, кој раководи со школата.

Посебна прилика за младите е што имаат можност да учат од најдобрите, Томи Стефановски беше долгогодишен државен првак во ватерполо, пливање и светски шампион во маратонско пливање во 2016 година.ид/са/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан