Отворениот градски базен во Куманово ќе почне со работа идната недела
- Jавното претпријатие „Куманово паркинг“ привршува со проверките за техничката подготовка на отворениот градски базен Куманово, информираа денеска надлежните. Според проценките се очекува од идната недела да биде отворена летната сезона на отворениот градски базен.
Куманово, 12 јуни 2025 (МИА) - Jавното претпријатие „Куманово паркинг“ привршува со проверките за техничката подготовка на отворениот градски базен Куманово, информираа денеска надлежните. Според проценките се очекува од идната недела да биде отворена летната сезона на отворениот градски базен.
Надлежните темелно ја проверуваат електричната и водоводната инсталација, се чистат филтрите и се тестираат пумпите за вода, санирани се оштетувања на дел од плочките.
- Очекуваме интервенциите да завршат, да се наполни базенот и во зависност од временските услови кои засега се поволни да го отвориме за јавноста, изјави директорот на претпријатието Андреја Маџовски.

Од претпријатието кое менаџира со спортскиот комплекс базени информираат дека интересот за користење на отворениот базенот постојано расте, особено за време на викендите и во деновите со високи температури. Лани во текот на работните денови посетеноста се движеше од 100 до 200 лица, а за време на викендите од 400 до 500 лица.
Правилникот за користење предвидува да биде користен од пливачи и посетителите се должни да ги почитуваат хигиенските и безбедносните мерки. На базенот има вработено спасувачи.
- Во меѓувреме продолжува со работа и затворениот градски базен кој го користат спортските клубови кои одржуваат часови и рекреативците, изјави Маџовски.
Цената на еднодневната влезница за отворениот базен останува непроменета и изнесува 150 денари по лице. ам/мд/
Фото: МИА